Македонија
21. March 2026 - 16:34

Неизвесност со производството на домашна храна во Македонија, како и со нејзината цена

Војните во Иран и Украина како и огромното покачување на цената на нафтата носат и крајна неизвесност со производството на домашна храна во Македонија и со тоа коллку ќе биде цената на земјоделските производи.

Трајанка Димеска од Прилеп веќе 50 години е производител на разни земјоделски производи. Вели дека годинава ќе бдие крајно тешка и неизвесна.

„Тешка ќе биде цените ќе бидат поскапи, поскапи материјали кои треба да се купат, семенските, безинот, орањето, сето тоа делува. Препаратите се поскапи за 10, 20 или повеќе проценти, зависи од каде доаѓа и како. А исто така и дел од семенските материјали уште ги нема во аптеките да ги купиме“, истакна Трајанка Димеска, земјоделец од Прилеп.

Други земјоделци пак се малку поголеми оптимисти се надеваат дека можеби ќе се намали цената на нафтата.

„Не знам како ќе биде, ќе видидме, можеби ќе поефтини нафтата“, кажа Славица Мирческа, земјоделец од Прилеп.

„Само Господ, како ќе биде не знам, ние садиме за нас, а остатокот го продаме“, додаде Сотир Силјаноски, земјоделец од Прилеп.

Според агрономите за жал Македонија не успеа да воспостави стратегија за да не биде толку многу увозно зависна земја за храна, така што секоја поголема светска криза ние како мала држава ја чувствуваме многу.

„Во однос на поледелските култури, житните култури поскапувањето на цените на нафтата многу негативно ќе се одрази, бидејќи знаеме дека цената на тие производи е мала, а трошоците на сето производство енормно се зголемуваат. Од друга страна светската криза нас ни влијае како на мала држава, а тоа значи поскапување и на производството и а цените, тоа не е поволно ниту за земјоделците, ниту за купувачите“, рече Филип Димкоски, агроном.

Доколку потрае нафтената криза во светски рамки ова година повеќе од сигурно е дека ќе имаме и рекордни цени на храната.