Loading Video...
Македонија
22. March 2026 - 16:38

Подигнување на свеста за одговорно сопствеништво едно од решенијата за проблемот со кучињата скитници

Без одговорно сопствеништво нема трајно решение за проблемот со бездомните кучиња. Недоволната свест кај дел од сопствениците, кои милениците ги доживуваат како привремена обврска, придонесува кучињата скитници и понатаму да бидат присутни на улиците, вели директорот на Јавното претпријатие „Стационар Лана“ од Струмица.

Тој потенцира дека бројката во последниот период бележи намалување, но нагласува дека клучно останува подигнувањето на свеста кај граѓаните кои чуваат домашни миленици.

Во текот на 2025 година, во стационарот биле евидентирани околу 177 првозаловени кучиња. Дополнително, околу 50 кучиња биле повторно заловени, иако претходно биле третирани, како и дваесетина кучиња кои имале сопственици.

Само во првите два месеци од годинава, заловени се околу 65 кучиња, кои се згрижени и поминале соодветен третман во стационарот. Од претпријатието посочуваат дека охрабрува податокот што вдомувањето во последниот период бележи позитивен тренд. 

Од стационарот Лана  најавуваат дека и во наредниот период ќе се работи на подигнување на јавната свест, со посебен акцент на стерилизацијата и одговорното однесување кон домашните миленици. Со цел,  оваа свест да се подигне на повисоко ниво, од стационарот планираат  и посебна кампања, како дел од напорите за долгорочно намалување на бројот на бездомни кучиња.