Македонија
25. March 2026 - 12:19

Македонски Каритас започнува проект од половина милион евра за подобрување на животната средина во седум општини од југоистокот

Околу половина милион евра ќе бидат инвестирани во седум општини од Југоисточниот регион преку проект што во наредните три години ќе го реализира Македонски Каритас. За таа цел општините веќе потпишаа и меморандум за соработка со организацијата. 

Проектот е насочен кон подобрување на пристапот до чиста вода и зајакнување на отпорноста на климатските промени, а се спроведува со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Република Словенија и словенечки Каритас.

Амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер смета дека ваквите иницијативи носат долгорочни и одржливи придобивки и претставуваат значаен чекор за развој на локалните заедници.

Во рамките на проектот е предвидено и јакнење на капацитетите на општините преку обуки и размена на искуства, како и поголемо вклучување на жените во зелени иницијативи.

Проектот ќе се реализира во општините Струмица, Босилово, Ново Село, Валандово, Гевгелија, Богданци и Дојран. Предвидени се активности за подобрување на канализационата инфраструктура, чистење и одржување на водоводни и одводни канали, како и обезбедување подобар пристап до чиста вода.