Македонија
26. March 2026 - 20:03

Економски мерки, работата на новиот државен јавен обвинител и корупцијата во фокус на пратеничките прашања

Растот на цените, работата на новиот државен јавен обвинител и корупцијата во фокусот на денешните пратенички прашања кои не можеа а да не поминат без етничките прашања.

Опозициската СДСМ бараше мерки од Владата за зауздување на поскапувањето кое доаѓа како резултат на растот на цените на суровата нафта на светските берзи. Од Владата велат, состојбата ја следат, а мерки ќе има ако има и енормно зголемување на цените.

Премиерот ги кажа своите очекувања од новиот државен јавен обвинител. Вели, мора да постапува против секој за кого постои основано сомневање дека сторил криминал. Но очекува во фокусот да му бидат извештаите кои доаѓаат од Државниот завод за ревизија, а за кои и во минатото имаше укажувања дека Јавното обвинителство не ги процесуира, но и за работата на поранешното Специјално Јавно обвинителство.

Мицкоски откри и дека лица блиски до сегашната власт ги злоупотребуваат своите конекции за личен бенефит. Институциите им се во траг, а само чекале потег кога да реагираат.

Ниту овие пратенички прашања не поминаа без етничките прашања. Употребата на албанскиот јазик и унапредувањето во МВР во местата како Дебар, каде доминантното население е албанско беа дел од прашањата. Одговорајќи на прашање за тоа зошто во Дебар на раководни позиции биле поставувани Македонци, министерот Тошковски рече дека граѓаните бараат професионализам и безбедност, а не етнички предзнак. Со потсмев ги спомена и критиките кои доаѓаа од албанските пратеници за проектот Сејф Сити.

Етничките прашања се почесто добиваат внимание, особено по последниот инцидент со министерката Јаневска. Во конкрест на тоа, премиерот кажа дека официјален јазик на целата територија на државата е македонскиот и неговото кирилско писмо, но и оти тој почнал да го изучува албанскиот јазик и дека за година-две нема да му биде потребен превод кога ќе добива прашања од албанските пратеници.