Македонија
27. March 2026 - 16:30

Министерот за здравство не открива кои доктори незаконски заработувале над 10.000 евра месечно

Кои доктори заработувале над 600.000 денари месечно во државното здравство? Министерот има информации за лекарите и клиниките каде се злоупотребувале дежурства и дополнителна дејност, но не ги открива нивните имиња бидејќи се уште правеле анализи кои требало да бидат готови за 2 недели.

По вчерашната изјава на Премиерот дека здравствени работници месечно заработувале над 10.000 евра бидејќи пријавувале дека биле на работа 24 часа 31 ден и во месеци кои имале по 30 дена. Денеска пак Азир Алиу рече дека има и такви на кои месечната плата им била и по 12.000 евра.  Дел од нив покрај дежурствата до оваа сума стугнувале со двојно повеќе работа во дополнителна дејност и оперирање попладне за кои пациентите плаќаат приватно, наместо законски дозволените 20 проценти. Тој не исклучува и кривична одговорност за злоупотребите.

- Дозволете  административно да го завршиме процесот, ние веќе имаме информации, рече Азир Алиу, министер за здравство 

Здравствените власти чекаат информации и од приватните болници, кои доктори од јавното здравство и колку време дополнително работеле кај нив. 

- Исто така, ќе бараме од приватните здравствени институции да видиме таму колку нашите вработени во државните здравствени институции трошат време. Тоа е процес којшто мора да се компарира, процес којшто трае и, морам да бидам искрен, процес којшто има препреки во процесот бидејќи со тешки маки и енергија доаѓаме до податоци, рече Алиу.

Додека се споредуваат податоците од клиниките и болниците, Мој термин и наодите на Фондот, здравствените власти најавија дека работното време и злоупотребите ќе ги контролирале со уреди во установите на кои секој здравствен работник треба да се евидентира лично со отисок од прст. 

Министерот за здравство најави и санкции за директорите кои и покрај обврската редовно да ги ажурираат листите на чекање тоа не го правеле. Со законски измени ќе се забрани и работа во приватни болници ако во матичната установа има голем број на луѓе кои чекаат ред за операција.