Македонија
27. March 2026 - 16:30

Законот за Советот на јавни обвинители го помина првото читање во матичната комисија

Законот за Советот на јавни обвинители влезе во собраниска процедура. Со поддршка од 11 пратеници и од власта и од опозицијата, собраниската комисија за политички систем ја изгласа потребата од негово носење, со што законот го помина првото читање. 

Пред пратениците министерот Филков посочи дека законот е клучен за реформирање на правосудниот систем и враќање на довербата на граѓаните, а текстот има добиено позитивно мислење од Венецијанската комисија чии препораки се веќе вметнати во предлогот.  

Се реформира постапката за избор на членови на Советот на јавните обвинители, се воведуваат јасни и транспарентни критериуми, се гарантира нивна стручност, искуство и интегритет по пример на критериумите предвидени во новиот закон за Судски совет, а со тоа се гарантира избор на најквалитетни кадри. Се воведуваат обврски за целосно и аргументирано образложение на одлуките за избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите, се воведува доследна примена на системот на заслуги, се зајакнува транспарентноста на Советот преку обврска за објавување на одлуки и извештаи, јавно одржување на седници, и директни преноси и информирање на јавноста, вели Филков 

За подобрување на законскиот текст кон средината на следниот месец ќе се одржи и јавна расправа. Ваков предлог до собраниската комисија денеска поднесоа и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. 

Законот за Советот на јавни обвинители е трет закон од реформската агенда за зајакнување на владеењето на правото кој влегува во собраниска процедура. На крајот на минатата година беше донесен новиот Закон за судски совет, додека Законот за јавно обвинителство се очекува да биде донесен на некоја од следните собраниски седници откако ги помина сите собрански процедури, а беше предмет и на јавна расправа.