Нов обвинител ќе ги преземе предметите против полицајците за „Пулс“
Нов јавен обвинител ќе ги води предметите против полицајците за трагедијата во Пулс. Советот на јавни обвинители, не и го продолжи мандатот на обвинителката, Ивана Алексова Трајчева, која девет месеци собираше докази против 23 обвинети полицајци. На денешната седница за избор на обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, советот, шанса им даде на новопријавените кандидати. Тоа што Алексова Трајчева не беше избрана, според државниот јавен обвинител, нема да влијае врз водење на предметите против полициските службеници. Сепак, одложувања се можни, вели Савески.. Во меѓувреме, одложен беше почетокот на судењето во предметот со деветмина полицајци, а претходно, не се одржа ниту продолжението на предметот во кој им се суди на тројца полициски службеници.
„Дали ќе му треба подолго време и дали за тоа евентуално би било оправдано некое одлагање, е проценка на конкретниот јавен обвинител. Секако, за сложени предмети, веројатно е дека ќе му треба време да се подготви, но тоа време треба да биде разумно“, изјави Ненад Савески, Државен јавен обвинител.
Трајчева Алексова како обвинител во организиран криминал и корпуција ги водеше предметите Софтвери против пораеншниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски, Меѓународен сојуз и Рекет во кој обвинет беше Боки 13, случајот Еразмус. Сега, својата работа како обвинител ќе ја продолжи во Основното јавно обвинителство Скопје.
По денешниот избор, мандат не добија ниту Марија Ѓоргева, Валентина Бислимовска и Сузана Мирческа Кузмановска. Испразнетите места советот ги пополни со тројца обвинители од скопското обвинителство. Во следните четири години, организиран криминал и корупција, ќе гони Ана Гоговска Јакимовска која го води случајот Онкологија. Таму заминува и обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска што го застапуваше случајот со убиството на Вања. Во организиран оди уште Александар Марковски. Бидејќи немало други пријавени од немнозинските заедници, нов мандат доби само обвинителката Енѓелуше Кадриу Леши. Според огласот, се бараа петмина обвинители, но советот, шанса даде на четворица.
На седницата, се гласаше и за шеф на Вишото јавното обвинителство, но ниту еден од кандидатите не доби доволно гласови. Во трка за раководната позиција беа Фатиме Фетаи, Владимир Милошевски, Артан Ајро и Јасмина Котеска Здравеска.
„Советот е колективно тело, сите се изјаснија и факт е дека не е избран виш јавен обвинител, сега, советот ќе отвори нов оглас“, изјави Башким Бесими, Прет на Совет на јавни обвинители.
Шеф на вишото обвинителство – Скопје, се бара по оставката на Мустафа Хајрулахи, кој претходно беше суспендиран.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
