Македонија
27. March 2026 - 16:32

Филипче бара мерки од Владата, Мицкоски најави намалување на акцизата ако расте цената на нафтата

Се е поскапено, Владата не прави доволно за ја спречи спиралата на раст на цените. Првиот човек на СДСМ, Филипче на брифинг со новинарите кажа дека животот е поскап за 2.500 денари откако почна кризата поради случувањата на Блискиот Исток.

Филипче побара од Владата да ги прифати нивните предлог мерки за намалување на ДДВ-то за горивата од на 5%, на акзицата за четири денари, 0% ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините.

Со новите цени и премиерот и владата мора да знаат, очигледно немаат контакт со реалноста, одлепени се од реалноста, луѓето не можат да преживеат. Недоволни се мерките коишто ги предложија за намалувањето на ДДВ-то на горивата. И затоа откако одбија да се зголеми минималната плата на 600 евра, која сега во новите услови и таа е веќе недоволна, мора да се прифатат нашите мерки, рече Филипче. 

Владата се уште не знае што граѓаните ќе можат да очекуваат од Регулаторна која в понеделник треба да донесе одлука за нови цени на дериватите. Премиерот вели, мора прво да заврши неделното тргување на берзите. Сепак, наговести кои би можеле да бидат следните владини мерки доколку продолжи растот на цените на суровата нафта на светските берзи. 

- Се разбира дека следна мерка, после овие две недели, доколку продолжи растот на берзите ќе биде намалување на акцизите и нормално, намалување на маржата, односно цената на складиштење, транспортните трошоци. Така што, тоа би биле следните мерки апсолутно, рече Мицкоски. 

Од почетокот на воените дејствија на Блискиот исток цената на нафтата во Македонија порасна за 25, а на бензинот за 12 денари без да се вкалкулира попустот на дел од бензинските од 2 денари за бензиот и 3 денари за дизелот.

Експертите предвидуваат дека во зависност од тоа колку ќе трае конфликтот, просечната инфлација во 2026 година би можела да се движи помеѓу 3,5 и 8,2%.