Македонија
28. March 2026 - 16:37

После 10 години Македонски шуми набави нова заштитна опрема за гасење пожари

По речиси една деценија Македонски шуми  обнови дел од заштитната опрема неопходна за безбедно гасење шумски пожари. За таа цел, претпријатието издвои околу 4,5 милиони денари, со кои се набавени 70 комплети најсовремена опрема според највисоките стандарди.

Според заменик генералниот директор Кире Михаилов, новата опрема обезбедува значително поголема безбедност за вработените на првите линии при гаснење на пожарите, како и зголемена ефикасност при нивното интервенирање.

Дел од новата опрема беше тестирана на посебна тактичка покажна вежба, на која учествуваа вработени од подружниците во Струмица и Валандово. За време на вежбата беа презентирани и нови методи кои го спречуваат  ширењето на огнот, користејќи специјални средства кои го ограничуваат пламенот и овозможуваат побрз и поефикасен одговор.

Михаилов потенцира дека ова е прв значаен чекор кон модернизација, кој ќе овозможи подобра заштита на шумите, безбедност на вработените и поголема ефикасност при справувањето со евентуални пожари низ целата држава.

Од Македонски шуми  најавуваат дека следниот чекор ќе биде набавка на комплетна опрема и за шумочуварската служба, која исто така не е обновена повеќе од 10 години.