Убиство во Охрид
Обвинителството бара притвор за 53 годишниот Жарко Грозданоски кој е осомничен за убиство на Климе Митревски сопственик на угостителскиот објект Климентов конак во стариот дел на Охрид.
По вербална расправија околу одлуката на оштетениот да го раскине договорот за доживотна издршка кој го склучиле кај нотар во февруари 2025 година со кој требало да добие голем имот , осомничениот од тетовска Брвеница од зад грб физички го нападнал, го совладал на подот и го удрил со бокс неколку пати во главата. За цело време го држел со едната рака преку устата и носот со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дава знаци на живот, го напуштил местото.
Против осомничениот охридската полиција поднесе кривична пријава за убиство.
Од СВР Охрид велат дека станува збор за лице кое и е добро познато на полицијата.
Името на Жарко Грозданоски од Брвеница се поврзува и со настан кога бил уапсен и во 2019 година во својство на лидер на организацијата „Христијанско братство“, кој со видео–снимка објавена на социјалната мрежа Фејсбук му се заканувал на поранешниот премиер Зоран Заев и на сите останати членови на Владата.
Со оглед на тоа дека за ова тешко кривично дело е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, поради опасност од бегство и можност осомничениот да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, сокривање или уништување на трагите на кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
-

Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар
