Loading Video...
Свет
29. March 2026 - 16:35

Преглед на вестите од светот

Иран издаде воена директива со која ги подготвува силите да возвратат на евентуалниот копнен напад кој го подготвуваат САД и Пентагон. Според медиумите, директивата им дава овластување на воените и безбедносните единици да дејствуваат самостојно, команда „пукај по волја“.Истовремено, иранските власти разгледуваат и офанзивни сценарија. Во случај на американска копнена интервенција, се споменува можност за заземање на крајбрежни делови на Обединети Арапски Емирати и Бахреин, како дел од поширока стратегија за одговор. Претходно американските медиуми известија дека Пентагон се подготвува за неколку неделни копнени операции во Иран. Според американските медиуми планот на пентагон вклучува рации на специјални единици, ангажман на конвенционални пешадиски трупи.

Администрацијата на Трамп распореди американски маринци на Блискиот Исток додека војната во Иран се протега во својата петта недела, а исто така планира да испрати илјадници војници од 82-та воздушно-десантна дивизија на американската армија во регионот.

Ризикот од проширена војна со Иран се зголеми откако Хутите од Јемен, кои се поврзани со Иран, вчера ги започнаа своите први напади врз Израел од почетокот на конфликтот.

Милиони луѓе излегоа на протестите во САД против политиките на претседателот Доналд Трамп. Демонстрантите кои ги осудуваат агресивните напори за депортација, војната во Иран и други негови потези ги преплавија улиците во градовите во сите 50 сојузни држави. Протестен марш се одржа во центарот на Вашингтон, на Тајмс Сквер во Њујорк, Лос Анџелес, а еден централните протести се одржа во Минесота, која стана жариште на дебата за имиграциските тактики на администрацијата на Трамп откако федералните агенти застрелаа и убија двајца американски државјани во јануари.Ова е трет ваков масовен протест кој се одржува под мотото без кралеви. Движењето ја оспорува извршната власт и авторитетот на претседателот Трамп.

Украинската војска погоди голема руска рафинерија за нафта во Јарослављ, североисточно од Москва, во напад во текот на ноќта, соопшти Генералштабот на Украина.Во соопштението се наведува дека нападот предизвикал пожар на локацијата на рафинеријата, која е од критично значење за логистиката на руската армија. Уст-Луга е клучно пристаниште за извоз на сурова нафта, течен природен гас, ѓубрива и јаглен. Пристаништето беше нападнато и претходно неделава, кога беа оштетени танкери, магацини и станици за утовар. Беа пријавени облаци чад над областа. Москва најави забрана за извоз на бензин која почнува в среда и ќе трае до 31 јули, во обид да ги стабилизира цените за потрошувачите. Властите во Украина известија за масовни напади со дронови. Десет лица беа повредени во регионот Миколаив во јужна Украина, а енергетски инсталации беа нападнати во регионот на Одеса на Црното Море.

Северна Кореја тестира нов ракетен мотор и тенк со „ненадмината“ заштита. Лидерот Ким Јонг Ун кој присуствуваше на копнениот тест на ракетен мотор на цврсто гориво изјавил дека неговиот систем за активна заштита може да го пресретне речиси секое постоечко антитенковско оружје и дека тенкот е „ненадминат на глобално ниво“.

Локалните избори во десет српски општини минуваат во тензична атмосфера, со низа инциденти и физички пресметки. Најсериозните инциденти се случиле во Бор, каде избила тепачка пред штабот на Српска Напредна Странка и во Бајина Башта, каде биле вандализирани возила на опозициски набљудувачи. Покрај засиленото полициско присуство, регистрирани се и неправилности како фотографирање ливчиња, паралелни списоци и напади врз студентски набљудувачи. Овие избори се сметаат за важен тест за владеењето на претседателот Александар Вучиќ, особено по масовните антивладини протести предводени од студентите.