Бензините поевтинуваат, дизелот ќе се точи по стара цена
Бензините поевтинуваат, дизелот по стара цена. Регулаторната комисија ги донесе новите цени на горивата. Бензинот БС-95 поевтинува за два и пол денари и од полноќ ќе се продава за 84 денари, а 98-та оди надолу за 3 денари и ќе се точи по 85.5 денари за литар. Цената на дизелот и натаму останува 95.5 денари.
Скратени биле дел од трошоците кои влијаат на цената на горивата.
- РКЕ ја информира јавноста дека поради актуелните случувања на светските берзи на цени на нафта и нафтени деривати, а со цел амортизација на влијанието на домашниот пазар и заштита на потрошувачите и обезбедување на сигурност во снабдувањето со нафта и нафтени деривати во земјата донесе Одлука со која го намали износот на трошокот за работење преку склад и истиот наместо досегашните 1,70 денари/литар, сега ќе изнесува 1,20 денари/литар – велат од Комисијата.
Утврдените цени од Регулаторна се максимални, но поради попустот кој го користат, на најголемиот дел од бензинските станици низ Македонија бензините ќе чинат по 82, односно 83,5 денари по литар, а дизелот по 92.5 денари.
Овој попуст кој го користат од најголемиот снабдувач трае до 6 април, а тогаш истекува и важноста на намаленото ДДВ од 18 на 10%. Премиерот Мицкоски кажа дека состојбата се следи внимателно и по потреба ќе се одлучува дали ќе се продолжи оваа мерка или пак дополнително ќе се спушти ДДВ-то. Во игра е и намалувањето акцизите.
Инаку цената на нафтата на светските берзи денеска надмина 115 долари за барел.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар


