Македонија
1. April 2026 - 8:03

Пропуст кај дури 39 полицајци утврди МВР за пријавите за насилство против Стојанче Јовановски

Дури 39 полицајци погрешно постапиле по пријавите за семејно насилство против Стојанче Јовановски.

Внатрешната контрола на МВР утврди пропусти кај службениците по 10тина пријави за насилство, закани и нарушувања на јавниот ред и мир кои изминатите години ги поднесувале и Ивана и соседите.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство. Одделот достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР

Од МВР засега не откриваат за какви пропусти се работи, додека од ОЈО ГОКК повтрдуваат дека известувањето е добиено вчера и предадено на јавен обвинител од посебното одделение за гонење на кривични дела сторени од полициски службеници.

Дека насилството било повеќепати пријавувано, а полицијица била повикана и на денот на трагедијата беше потврдено и вчера на стартот на судењето против Стојанче Јовановски.

Тој призна вина дека ја тепал, но не и дека ја навел Ивана да се самоубие скокајќи од тераса заедно со својата 6-годишна ќерка. По признанието Стојанче се обиде вината да ја префрли на неговиот другар Мартин Саздов за кој тврдеше дека бил и во врска со Ивана, па судот не го прифати признанието на вина.

Прва сведочеше мајката на Ивана која потврди дека цели пет години забележувала модринки на телото на ќерка и, но таа не сакала да признае дека Стојанче ја тепа. Помош од соседите барала и малата Катја, кои повикале полиција но Стојанче не отворал врата и не се јавувал на телефон. Ивана била тепана и оставена на автопат заедно со ќерка и, а Стојанче и во јануари ја бутнал од скали на скопска клиника каде Ивана била хоспитализирана поради хематом од претходно тепање.   

Судскиот процес продолжува утре.