Детската песна за „Голема Албанија“ поттикна реакции – според АВМУ содржината шири омраза
МРТ ќе спроведува истрага, Агенција за медиуми веќе констатираше уредничка одговорност. Скандалозната детска песна со симболи на Голема Албанија која пред четири дена беше емитувана на вториот канал на Македонската телевизија поттикна реакции од надлежните.
Надзорот покажа дека спротивно на член 48 став 2 од ЗААВМУ, емитуваната содржина на МРТ2, во рамки на музичката програма „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“, поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање на моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии. Емитувањето на вакви содржини во програма наменета за најмладата публика претставува обид за индоктринација со идеи спротивни на соживотот и толеранцијата во мултиетничко општество, како и злоупотреба на деца за политички цели, стои во извештајот на Агенцијата за медиуми по спроведениот вонреден надзор, во кој исто така се посочува и дека фактот што спорните кадри и пораки поминале низ уредничкиот филтер на МРТ2 без да бидат отстранети укажува на сериозен системски пропуст во планирањето и уредувањето на програмата.
Врз основа на овој извештај, според информации од телевизијата, Програмскиот совет на седница утре ќе утврдува одговорност.
Скандалозната песна насловена Албански територии на детски фестивал ја изведуваше 13 годишно девојче од Албанија кое беше облечено во маица со мапата на Голема Албанија. „Ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“, се дел од стиховите во песната која поттикна бурни реакции во јавноста.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
