Прилеп доби Центар за менаџирање на дебелина
Прилеп доби Центар за менаџирање на дебелина, прв од ваков тип во овој дел на државата. Центарот е сместен во Здравствениот дом, а пациентите тука може да дојдат со упат од матичен лекар преку Мој Термин. Моментално 65% од возрасното населението во Македонија има прекумерна телесна тежина, а на 30% од возрасните живеат со дебелината како хронична болест.
Дебелината е причина за појавување на диабет, висок крвен притисок и многу срцени заболувања.
„Дебелината како коморбитидет се јавува во многу болести, кај многу пациенти, тоа го забележавме и тоа ни беше предизвик да го отвориме овој центар“, истакна Д-р Кире Јоноски, директор на Општа болница Прилеп.
„Пациентите ќе се дијагностицираат, ќе се прават лабораториски анализи, со помош на апаратот „Ин боди“ ќе се одредува телесната дистрибуција на масно ткиво, односно распределбата на масти, како и присутноста на мускулна маса. Потоа ќе се прават лабораториски анализи, ќе се врши едукација на пациентите околу начинот на исхрана, промена на животните навики, физичката активност“, рече Д-р Катерина Чешлароска Маркушоска, ендокринолог.
Целта е навремено препознавање на дебелината како болест и навремено реагирање да не се случи пациентот да добие и други болести.
„Ваквите центри за менаџирање на дебелината се идентификуваат како центри за рано дијагностицирање, современ и навремен третман, манџирање и превенција на компликации“, рече Проф. д-р Ирфан Ахмети, Клиника за ендокринологија Скопје.
Научното здружение за дебелина „ОБЕМ“ има активна кампања низ целата држава насловена „Кругот на поддршка“ чија цел е запознавање на граѓаните со дебелината како болест и навремена реакција за истата.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
