Преглед на вестите од светот
Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш предупреди дека Блиски Исток е на раб на поголема војна. Тој повика на итен прекин на израелските и американските напади врз Иран и нападите на Иран врз соседните држави.
„Мојата порака е јасна. До Соединетите Американски Држави и Израел, крајно време е да се запре војната што нанесува огромно човечко страдање и веќе предизвикува катастрофални економски последици. До Иран, да престане да ги напаѓа своите соседи. Советот за безбедност ги осуди овие напади и ја потврди потребата од почитување на правата и слободите на навигацијата по критичните поморски патишта, вклучувајќи го и Ормутскиот теснец. Конфликтите не завршуваат сами од себе. Тие завршуваат кога лидерите ќе изберат дијалог наместо уништување. Тој избор сè уште постои и мора да се направи сега.“
Американскиот претседател ја разреши министерката за правда и државна обвинителка Пем Бонди и на нејзино место го именува досегашниот заменик Тод Бланч. Бонди беше цврст застапник на политиките на Трамп за време на нејзиниот мандат, кршејќи ја долгогодишната традиција на Министерството за правда да биде независно од Белата куќа во спроведувањето истраги.
Таа е обвинета за прикривање или необјавување документи од истрагата на Министерството за правда за аферата Епстин. Беше критикувана и поради тоа што отпушти десетици искусни обвинители кои работеа на истраги што Трамп не ги одобруваше. Критичарите ја обвинуваат дека го напуштила традиционалниот приоритет на Министерството за спроведување фер правда. Бонди е втор висок владин службеник што е отпуштен од Трамп изминатиот период. Трамп на 5 март ја разреши министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноам, по критиките за начинот на кој Трамп се справува со имиграциската политика.
Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток предупреди за напади и уништување на мостови и електрични централи во Иран, во неговата најнова закана за удар врз инфраструктурата на земјата. Американската војска „дури и не почнала да уништува она што останало во Иран. Следни се мостови, па електрични централи“, напиша Трамп на социјалните мрежи. Во неговиот пост се вели дека раководството на Иран „знае што треба да се направи и мора да се направи БРЗО!“
NASA успешно ја лансираше мисијата Artemis II, со што човештвото прави голем чекор кон враќање на Месечината. Лансирањето се случи во 18:35 часот по локално време, а небото над Флорида беше осветлено од моќниот старт на ракетата висока речиси 100 метри. По пауза од 54 години, повторно испраќаме астронаути кон Месечината. Ова е резултат на долгогодишна работа и посветеност“, изјави Џаред Ајзакмен од НАСА. Екипажот во следните десет дена ќе ја обиколи Месечината и ќе се врати на Земјата, тестирајќи системи клучни за идни мисии.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
