Македонија
3. April 2026 - 12:16

Ристески: Ќе се субвенционираат и оние предадени килограми тутун кои ја надминуваат количината од договорот

Тутунарите ќе добијат субвенции за секој предаден килограм тутун, не се оправдани стравовите дека ќе се смени начино на субвенционирање. Ова денеска го истакна претседателот на Сојузот на тутунски здруженија Кире Ристески, кој рече дека ќе се субвенционираат и оние предадени килограми кои ја надминуваат количината од склучениот договор. 

„Она што беше нагласено за електронско обележување на површините, тоа е за да се обележат површините за да можат да ги пријават за субвенција за површина и за зелена нафта. Останува истото, нема никакви измени кај субвенцијата за предаден килограм, така да тутунарите да не се секираат, ќе им биде во целост исплатена. Тие што имаат бележана површина ќе добијат плус зелена нафта и површина, како и предаден килограм“, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.

Рокот за склучување на новите договори бил продолжен до 9 април. Според информациите на Сојузот кај сите откупувачи имало зголемување и на бројот на кооперанти и на бројот на површини. А во однос на понудените цени од страна на откупувачите ќе се барало зголемување со анекси на договорите.

„Нови цени нема, тие што ги добивме на почетокот во февруари месец 435, 370 и 310 денари, други цени немаме. Очекуваме пред почетокот на откупот да се избориме со анекс договори да ги коригираат цените, затоа што се е зголемено, репро материјалите со кризата на блискиот исток, така да очекуваме дека и тука ќе има некоја промена на откупните цени“, додаде Ристески.

Се очекува субвенциите за оваа реколта да бидат исплатени до крајот на април.