Македонија
3. April 2026 - 16:31

Ректорите на државните универзитети потпишаа Меморандум со агенцијата ИНОВА: Поддршка за истражувања и студентски стартапи

Од амфитеатрите директно во светот на бизнисот и иновациите. Ректорите на 7-те државни универзитети и Агенцијата за иновациии, научно-технолошки развој и претприемаштво ги здружуваат силите и потпишаа Меморандум за долгорочна соработка. Со ова, студентите добиваат поддршка за истражувања, стартапи и брзо поврзување со бизнис компаниите. Надлежните очекуваат дека ова ќе резултира со развој на студентското претприемништво. 

„Ова партнерство ќе значи конкретни активности. Студентите од клупите влегуваат во лаборатории и компании, поддршка на стартап иницијативи во рамки на универзитетите, развој на иновациска инфраструктура, подобар трансфер на технологии и посилно поврзување со бизнис секторот“, изјави директорката на ИНОВА, Даниела Димовска.  

„Агенцијата со своите кофинансирани грантови, ваучери, партиципација во контрибуција на проекти и проектни иницијативи на малите и средните претпријатија, ќе даде значителна флексибилност кај истражувачите коишто веќе имаат добра финансиска рамка во рамки на што ќе може да ги развијат своите технолошки решенија, а исто така и студентите да почнат да партиципираат во сите овие иницијативи им дава на нашите студенти да се стекнат со дополнителни вештини“, изјави ректорката при УКИМ д-р Билјана Ангелова. 

Министерката Јаневска го повика и приватниот сектор активно да се вклучи во оваа иницијатива.

„Апелот е повторно до компаниите, сега имаат Агенција преку која може да соработуваат не само со универзитетите, туку и со државата. Би побарала поголемо вклучување на приватниот сектор за затоа што бенефит ќе имаме сите, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска. 

Според премиерот, овој Меморандум претставува силна порака дека преку партнерство може да се создадат услови за развој на претприемништвото, за поддршка на стартапите и за зголемување на конкурентноста на компаниите. 

„Особено е важно што оваа иницијатива отвора простор за подлабока соработка помеѓу универзитетите, институциите и бизнис секторот, што може да резултира со нови проекти, заеднички истражувања и креирање решенија со реална примена. На тој начин, се создаваат услови за задржување на младите таленти и нивно активно вклучување во развојот на домашната економија“, изјави премиерот Мицскоски.

Преку ова стратешко партнерство, државата се стреми кон трансформација на пазарот каде иновациите ќе станат основен темел за економски напредок.