Со термални камери општините од струмичкиот регион ќе ги детектираат потпалувачите на депонии
Со помош на термални камери и современа технологија за рано откривање и превенција на пожари, општините од струмичкиот регион ќе ги детектираат потпалувачите на дивите депонии и пожарите на отворено.
За таа цел, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион започна со реализација на проект преку кој ќе се воспостави модерен и ефикасен систем за рано откривање и спречување на пожари, особено на депониите. Во рамки на проектот, ќе се инсталираат интегрирани системи кои ќе користат комбинација од сензори, термални и оптички камери и софтвер за анализа на податоци.
Проектот се реализира како дел од прекуграничната соработка со соседна Грција и има вкупен буџет од нешто повеќе од 1,2 милиони евра, од кои околу 302 илјади евра се наменети за активностите на македонска страна.
Покрај технолошките решенија, проектот предвидува и повеќе други активности, како што се кампањи и обуки за подигање на јавната свест во локалните заедници, мапирање на неконтролирани депонии и изработка на студии за нивното влијание врз климатските промени.
Во рамки на проектот, на грчка страна ќе бидат инсталирани интегрирани системи за рано откривање на пожари во три санитарни депонии, додека останатите активности ќе бидат насочени кон унапредување на постоечките системи за управување со отпадот, модернизирање на депониите и обуки за персоналот. Проектот ќе се имплементира во наредните две години.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар
