Македонија
5. April 2026 - 16:47

Аутизмот без систем, родителите оставени сами

Не постои национална стратегија за решавање на проблемот на родителите на децата со аутизам, затоа што нема регистер, нема Центри за згрижување и во догледно време ќе се соочат со проблем да нема кој да се грижи за овие лица.

Наместо работите да се поместуваат нанапред, зашто постојано се зголемува бројот на деца со развојни нарушувања, кај нас од ден на ден е полошо, вели Зоран Мијалков, родител на деца со аутизам.

-За аутизмот многу се важни испитувањата. Овие испитувања не се покриени од фондот, се е на приватно, а цел живот плаќаме здравствено осигурување. Значи државата не не покрива, а овие испитувања се потребни за врз основа на резултатите да се добие вистинска терапија, лекови и суплементи за да можат да напредуваат овие деца. Во секој аспект сме назад или дно, изјави Зоран Мијалков, родител на деца со аутизам.

Родителите кои се во работен однос се приморани да работат со скратено работно време, но тоа значи и помалку финансии за егзистенција.

-Јас работам, меѓутоа не се знае до кога би работел, затоа што доколку нема кој да се грижи за нив, јас ќе останам без работа, додаде Мијалков.

Мијалков „светлото на крајот од тунелот“ го гледа во најавата од локалната самоуправа за отворање на првиот дневен Центар во државата.

-Сега се чека од Министерството за труд и социјална политика и морам да истакнам дека актуелениот заменик министер Ѓоко Велковски, ми е последна надеж од политичарите кој што вистински сака да направи нешто за нашите деца, сега со почеток во Штип, а потоа да се прошири и во другите градови во Македонија, изјави Мијалков.

Во однос на социјалната инклузија, Мијалков потенцира дека помладите генерации покажуваат поголема отвореност, емпатија и подготвеност за прифаќање на децата со аутизам, додека кај повозрасните сè уште преовладува стереотипно размислување, често проследено со недоволна информираност и предрасуди.