Компанија во Прилеп добивала тендери од поставување видео надзор
Една иста компанија во Прилеп во последните неколку години има добиено јавни тендери за дејности кои не се никако поврзани една со друга, односно истата компанија добила јавни набавки од вградување на видео надзор, па се до набавка на новогодишни пакетчиња, средства за хигиена и слично.
Додека пак во Крушево 60% од јавните набавки лани се доделени на само една компанија. Ова се резултатите од истражувањето на Finance Think поврзано со локалните јавни тендери кое покажува дека општините ги следат барањата на Законот за јавни набавки, но она што се јавува како слаба страна е бројот на добиени понуди кој често е под три.
Што ја потврдува ниската конкурентност на локалниот пазар.
„Препораките се Општините да го зацврстат своето планирање на јавните набавки на среден рок со цел да се избегне таа цикличност, односно голема варијација на износот потрошен за јавни набавки од една во друга година и тендерите кога се изготвуваат барањата да се приспособат на она што локалните компании може да го понудат. До локалните компании секако препораката е дека доколку ги исполнувата условите кои се бараат да се пријавуваат да овие јавни тендери со цел граѓаните на општините да добијат најголема вредност за парите“, изјави Деспина Туманоска, програмски координатор во Институт за економски истражувања Finance Think.
Заинтересираноста на приватните компании да конкурираат на тендери издадени јка јавните претпријатија е мала затоа што тие се во долгови и наплатата потоа оди потешко.
Ова е ставот на Регионалната стопанска комора од Прилеп. „Најпрво треба да се подобри финансиската состојба на сите јавни претпријатија и Законот за финансиска дисциплина да важи и за нив.Тоа значи најдоцна до 60 дена да ги плаќаат навремено нивните услуги и на тој принцип компаниите полесно ќе се одлучуваат да конкурираат на јавни набавки или огласи. Јавното-приватно партнерство ќе подобри во делот на финансиска стабилност на јавните претпријатија и исто така во делот на трошење на парите во самите претпријатија. Едно од решенијата е и тоа“, Никола Мариноски, претседател Регионалната стопанска комора од Прилеп.
Според бизнисмените со јавно-приватните партнерства ќе се намалеле партиските влијанија во овие претпријатија и превработеноста во јавните претпријатија.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
