Македонија
6. April 2026 - 16:35

Крмзов и обвинетите не се чувствуваат виновни, одбраната тврди: Обвинението е неосновано, нема штета врз буџетот

Ниту струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, ниту деветмината други обвинети, ниту компаниите опфатени во случајот не се чувствуваат виновни за обвинението за затајување данок и перење пари.

Дел од одбраната денеска го презентираше својот воведен говор. Адвокатот Ване Андреев кажа дека одбраната во текот на постапката ќе докаже дека обвинителниот акт во целост е неоснован и контрадикторен, а дека буџетот на државата воопшто не бил оштетен.

Рече дека договорите за купопродажба на деловниот простор, Обвинителството се обидува да ги прикаже како фиктивен промет, а сето тоа било дел до книговодствената евиденција компаниите кои купувале и продавале.

-Фактурите и преддоговорите за купопродажба се книжени согласно одредбите на Законот за ДДВ и истите, и самите контроли од УЈП кога ги ценеа, ги ценеа и по основ на ДДВ и за Данокот на добивка и персонален данок и по сите основи. Што значи, и фирмата што се задолжила го платила данокот и фирмата кога го купила требала да изврши поврат. Но повратот, Обвинителството го терети како фиктивен или привиден промет. Меѓутоа, и во самото обвинение, самото Обвинителство цитира - после истата фирма купувач, пак ја продава и пак се задолжува со данок кога го продава на друг даночен обврзник, и пак истото. Што значи, тотална нелогичност, рече адвокатот Андреев.

На претходното рочиште воведен говор имаше обвинителката Верица Бержецка Крстева која кажа дека не станувало збор за обично затајување на данок, туку на испреплетена мрежа од компании кои со фиктивни фактури ја оштетиле државата.

На следното рочиште ќе продолжат воведните говори на одбраната. Рочиштата за ова судење се пократки поради здравствената состојба на Крмзов кој во Судот двапати по ред доаѓа во инвалидска количка.