Одложена јавната расправа во скопска Aпелација по жалбата на осудените за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски
Одложено рочиштето во скопска Апелација за жалбите на Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев поради здравствената состојба на Видевски кој е задржан во болница. Видевски се онесвестил во затворот во Шутка поради проблеми со бубрегот, за кој адвокатот Манев вели дека му е единствен, и тоа дониран.
- Континуирано не е лечен во затворските услови затоашто и не може да биде лечен бидејќи има континуирана потреба од дијализа, тој од месец август првпат е однесен на лекар дури на 17 март оваа година, вели неговиот адвокат Бојан Манев.
Адвокатот вели дека за следното рочиште ќе обезбеди согласност за да може да се одржи без присуство на Видевски, доколку неговата здравствена состојба не го дозволува тоа. Меѓутоа вели дека сѐ додека Видевски е во ефективен притвор не може да го добие потребното болничко лекување.
- Неговото присуство секако може да биде обезбедено ако има соодветен болнички третман. Во вакви услови, во притвоско одделение во Шутка не може да има болнички третман. Колку и да сака да изјавува директорот дека е континуирано лечено, однесен на преглед во август минатата година и однесен на преглед на 17 март оваа година. Тоа не е континуирано лечено. Ако му се даде еден антибиотик или ако му се земе крв - не е тоа континуирано лечење, рече Манев.
Четворицата се осудени на доживотен затвор за киднапирањата и свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, а бараат укинување на првостепената пресуда и повторување на постапката пред Кривичниот суд. Жалба има поднесено и Обвинителството, но за ослободителна пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓочевски. Според првостепената пресуда, обвинетите добија по 10 години затвор за грабнувањата, а доживотен затвор за убиствата. Судот утврди дека делата биле извршени по план и со намера за изнуда на пари.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
