Македонија
10. April 2026 - 12:33

Велики Петок - Создателот пострада за своето создание, за да го спаси и да му ги искупи гревовите

Православните христијани денеска го празнуваат Велики Петок, најтешкиот и најтажниот ден во годината, денот на страдањата и смртта на Исус Христос. Верниците од утринава ги преполнија прилепските храмови да се поклонат на Плаштаницата која го симболизира Христовиот гроб. Свештениците порачуваат дека Христос пострада за целото човештво за да му ги искупи гревовите.

„А Господ пак, кога ќе воскресне ќе ни го испрати својот мир кој што го прати во овој свет за да слезе врз нашите домови, да слезе врз нашите души и срца и врз нашите најмили, како што ни порачува во велигденското послание нашиот надлежен архиереј, митрополитот Петар, кој во посланието кое што ќе се чита на Велигден ни порачува и ни вели: радоста на воскресението да не ни изгасне само во велигденската ноќ, туку таа радост да се претвори во оган кој постојано ќе гори во нашите срца“, изјави отец Емилијан Зелнички.

Освен црковните има и народни преданија и обичаи кои се почитуваат за овој ден, така дел од верниците денеска не работат ништо, ниту пак готват, голем дел и воопшто не конзумираат храна. А оние пак кои јадат, тоа не е готвена храна туку нешто малку и истото да биде сирово.

„Сите одат во црква, каде го бакнуваат, односно го целиваат телото Христово, оставаат дарови, најчесто маици, шамии, чорапи, велигденски бојадисани јајца од Велики Четврток. Се оставаат и цвеќиња на одарот каде е поставено телото, односно на плаштеницата. Многу луѓе се провираат под плаштеницата, односно под телото на Исус Христос, со што добиваат повеќе здравје, среќа, бериќет за себе и за семејството“, кажа Горан Василески, етнолог.

На секој кој што ќе ја целива Плаштаницата свештеникот му дава цвеќе, а токму тие цвеќиња во различни населени места имаа и различни начини на чување и употребување, од тоа да стојат на домашната икона, па се до тоа истото цвеќе да се стави во ковчегот на починатиот.

„Во некои села тоа се смета и како посмртно цвеќе, бидејќи сепак е земено од одарот каде е починатото тело на Исус Христос и тоа цвеќе се чува од Велики Петок до следната година на Велики Петок. Доколку во тој период почине некој од семејството, или од куќата, тоа цвеќе го ставале во ковчегот на починатиот со што се верува дека му обезбедуваат подобар прием во рајот“, додаде Василески.

Многу обичаи и верувања, но само една Вистина, а тоа е како што велат и црковните песни за овој ден „Исус Христос со својата смрт ја победи смрта и на сите им подари вечен живот.