Македонија
12. April 2026 - 16:31

Во Штип отворен центар за менаџирање на дебелината

Во просториите на поранешната модуларна болница при Клиничка болница-Штип започна со работа регионален Центар за менаџирање на обезноста. Центарот е наменет за граѓаните од источниот регион кои се соочуваат со проблеми со прекумерна телесна тежина и ќе им овозможи на едно место да добијат стручен медицински третман и советување.

Пациентите ќе бидат прегледувани од специјалисти по ендокринологија, кои ќе им помагаат со препораки, терапии и насоки за намалување на телесната тежина и подобрување на здравјето. Намерата е луѓето навреме да добијат стручна поддршка и преку правилен пристап да се намали ризикот од појава на заболувања кои често се поврзани со обезноста.

-Со отворањето на овој центар пациентите имаат каде за прв пат да се обратат, односно каде да бидат третирани нивните коморбидитети. Покрај обезноста, која знаеме дека не е само натрупување на масно ткиво во организмот, туку е придружено со останати заболувања, како дијабетес тип 2, хормонални нарушувања, метаболен синдром и ова претставува значајна придобивка за пациентите од овој источен регион и за нивното здравје, изјави Стојка Докузова., ендокринолог, КБ-Штип.

Од болницата информираат дека пациентите кои ќе доаѓаат на преглед во центарот треба претходно да закажат термин преку системот „Мој термин“, да имаат упат од матичен лекар и со себе да донесат основни лабораториски анализи, со цел да се направи детална проценка на нивната здравствена состојба.

-Во посебен фокус ќе ни биде гликемијата на гладно, тромесечниот шеќер или гликоризираниот хемоглобин. Лабораторијата ќе треба да содржи ензими од црниот дроб, ќе треба да содржи липиден статус, вклучително со добар и лош холестерол. Дополнително бубрежната функција со урични киселини. Во овој центар за обезност ќе се проценува тежината на обезностa, изјави Валентина Велковска, ендокринолог, КБ- Штип.

Здравствените работници предупредуваат дека бројот на лица со обезност постојано расте, како во светот така и во земјава. Според податоците, секој осми човек во светот живее со обезност, поради што оваа состојба сè почесто се третира како хронично заболување.