Македонија
16. April 2026 - 16:45

Европските аеродроми бараат флексибилност во функционирањето на системот за влез/излез

Европската Унија да воведе дополнителна флексибилност во функционирањето на системот за влез/излез, а на граничните власти да им се дозволи целосно да го суспендираат кога патниците чекаат со часови за обработка на податоците, бараат европските аеродроми. Предупредуваат дека по долгите задржувања и гужви, пропуштените летови од 10 април кога започна целосната примена на системот, потребно е решение особено во пресрет на летната сезона. 

„Иако ќе продолжиме внимателно да ги следиме случувањата во наредните денови, веќе е јасно дека е потребна поголема флексибилност. На граничните власти мора да им се дозволи целосно да го суспендираат системот EES кога времето на чекање станува прекумерно. Ова е од суштинско значење не само во наредните недели, туку и во текот на врвната летна туристичка сезона“.

Според информациите кои ги споделуваат европските аеродроми, патниците чекаат од 2 до 3 часа на граничните контроли кога има најголем сообраќај. Тоа пак доведува до пролонгирање на летовите или патниците воопшто да не успеат да се качат на авион, поради долгата обработка на податоци. 

За време на велигденските празници, патниците со часови чекале за граничните проверки по аеродромите во Франција, Германија, Белгија, Италија, Шпанија и Грција. Повеќе од 100 патници не се качиле на летот од Милано до Манчестер пред полетувањето поради доцнења на пасошката контрола.

Во регионот, системот направи целосна блокада и на граничните премини од Србија и БиХ кон Хрватска. По повеќе од 6 часа се чекаше и на границите за влез од Македонија во Грција

Од октомври кога почна постепената имплементација Брисел уверува дека системот треба да ја зголеми безбедноста и со време да ја забрза контролата.