Loading Video...
Свет
29. April 2026 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Светската банка во последниот објавен извештај предупреди дека војната на Блискиот Исток ќе предизвика голем раст на цените на енергенсите за 24 отсто во 2026 година, додека вкупните цени на стоките ќе скокнат за повеќе од 16 отсто, што дополнително ќе ја поттикне инфлацијата и ќе го забави глобалниот економски раст. Поради војната дошло до еден од најголемите шокови во снабдувањето со нафта, со почетен пад на глобалната понуда од околу 10 милиони барели дневно.

Нападите врз енергетскатаинфраструктура и нарушувањата во транспортот низ Ормускиот Теснец, преку која поминува околу 35 отсто од светската поморска трговија со сурова нафта, дополнително ја влошија ситуацијата, наведува Светска банка.

Во меѓувреме цените на нафтата продолжија да растат и покрај предлогот на Иран да ја прекине блокадата на Ормускиот Теснец во замена за одложување на нуклеарните разговори со САД. Последниот пораст дојде откако иранскиот министер за надворешни работи изнесе предлози за повторно отворање на теснината за време на разговорите со Пакистан, бидејќи мировните преговори меѓу Вашингтон и Техеран беа во застој. САД сè уште не дале јавна изјава за иранскиот предлог. 

Само осум брода поминаа во неделата, во споредба со 19 претходниот ден. Пред САД и Израел да започнат војна против Иран на 28 февруари, просечно 129 бродови поминуваа низ теснецот дневно, според Конференцијата на ОН за трговија и развој.  Експертите за транспорт и логистика предупредуваат дека веројатно ќе бидат потребни месеци за протокот на енергија да се врати во нормала, дури и ако САД и Иран постигнат договор за прекин на војната, наведувајќи ги застојот во испораките на нафта и гас, оштетувањето на инфраструктурата и потребата од расчистување на теснината од ирански мини.

Обединетите Арапски Емирати ќе се повлечат од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и поширокиот сојуз ОПЕК+, со почеток во сила од 1 мај 2026 година, објави во вторник новинската агенција на Емиратите. Ова ќе им овозможи на ОАЕ пофлексибилно да соработуваат со своите партнери и инвеститори, осигурувајќи дека идната побарувачка на глобалниот пазар за сурови нафтени производи, петрохемикалии, природен гас и други енергетски сектори може да се задоволи.

Украина ги засили нападите врз цивилната инфраструктура во Русија, изјави претседателот Владимир Путин 

„Нападите со беспилотни летала врз цивилната инфраструктура стануваат сè почести. Најновиот пример вклучува напади врз енергетски објекти во Туапсе, што потенцијално би можело да доведе до сериозни последици по животната средина. Сепак, гувернерот објави дека е на местото на настанот - или барем бил таму пред неколку часа - и се чини дека нема сериозни закани. Луѓето се справуваат со предизвиците со кои се соочуваат на терен.“
Ова беше трет напад врз пристаништето на Црното Море за помалку од две недели.

Рафинеријата има годишен производствен капацитет од околу 240.000 барели дневно, произведувајќи нафта, дизел, мазут и вакуумско гасно масло.