Федерален судија објави наводна проштална белешка на Џефри Епстин

Федерален судија од Њујорк објави документ опишан како проштална белешка, за која се тврди дека ја напишал Џефри Епстин и во која се наведува: „Убаво е да можеш сам да го избереш моментот кога ќе кажеш збогум“.
Епстин, дискредитираниот финансиски инвеститор обвинет за сексуална трговија со малолетнички, беше пронајден мртов во својата ќелија во затвор во Менхетен во август 2019 година, а неговата смрт беше прогласена за самоубиство. Рачно напишаната белешка била пронајдена од неговиот поранешен цимер во ќелијата, осудениот убиец и поранешен полицаец Николас Тартаљоне.
Федералниот судија Кенет Карас, кој го водеше случајот на Тартаљоне, ја објави белешката по барање на весникот „Њујорк тајмс“, кој минатата недела извести за нејзиното постоење. Карас оцени дека белешката претставува судски документ што може да биде достапен за јавноста, бидејќи била предадена во рамките на кривичната постапка против Тартаљоне, кој отслужува четири последователни доживотни казни затвор за убиства поврзани со дрога. Судијата, сепак, посочи дека не може да ја гарантира автентичноста на белешката.
Таа е напишана на жолт блок за белешки и била доставена од адвокатите на Тартаљоне, кој бил цимер на Епстин околу две недели во јули 2019 година, додека двајцата биле во притвор во Менхетен.
„Ме истражуваа со месеци – НЕ НАЈДОА НИШТО!!! Така, 15-годишните обвинувања доведоа до ова. Убаво е да можеш сам да го избереш моментот кога ќе кажеш збогум“, стои во белешката.
Епстин во 2008 година призна вина на Флорида за поттикнување проституција на малолетнички, пресуда што доведе до контроверзен договор со обвинителството и краток престој во затвор. Во јули 2019 година тој повторно беше уапсен и обвинет за регрутирање и злоупотреба на малолетни девојчиња во Њујорк и на Флорида.
Белешката се појавила во јули 2019 година, откако Епстин бил пронајден жив во својата ќелија со траги на вратот, во инцидент што властите тогаш го опишаа како обид за самоубиство. Според изјавите на Тартаљоне, белешката била скриена во книга во нивната заедничка ќелија. Епстин почина неколку недели подоцна, на 10 август 2019 година.
Тартаљоне ја спомена белешката во подкаст минатата година, но прашањето доби пошироко внимание откако „Њујорк тајмс“ минатиот четврток објави текст за нејзиното постоење. Весникот посочи дека федералните истражители никогаш не ја виделе белешката и таа не се наоѓа меѓу милионите документи поврзани со Епстин, кои Министерството за правда ги објави во последните години.
MИА
Ново на Сител
-

Пожар на депонијата кај Струмица, пожарникарите апелираат до граѓаните да останат смирени
-

Ѓорѓиевски: Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува.
-

Владата донесе одлука од денеска интервентно да обезбеди по 50.000 литри дневно бесплатна вода за пиење за граѓаните на Гостивар
-

Епидемиолозите прогласија епидемија во Гостивар
-

МЗ: Близу 350 лица викендов прегледани во Гостиварската болница со симптоми на ентероколит, три лица се хоспитализирани
-

Невреме предизвика голема материјална штета низ Словенија, десетици интервенции на пожарникарите
-

Андоновски: Во Крушево отворен 16. Центар за услуги, граѓаните добиваат непосредна поддршка и директен пристап до електронските услуги
-

Топлотниот бран продолжува до вторник, заладување и дожд од среда
