Македонија
26. May 2026 - 11:28

Премиерот Мицкоски го пречека хрватскиот колега Пленковиќ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на аеродромот во Охрид го пречека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој престојува во официјална посета на земјата.

- Денес имав чест и задоволство да го пречекам претседателот на владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.

Оваа средба претставува потврда за добрите односи и пријателството помеѓу Македонија и Хрватска, како и важноста на меѓусебната соработка, европските вредности и регионалната стабилност - напиша премиерот Мицкоски на „Фејсбук“.

Според агендата, по пречекот, во премиерската вила ќе се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерите Мицкоски и Пленковиќ, а во 11.15 часот ќе се одржи владина билатерална средба во хотелот „Инекс Олгица“.

Потоа е предвидено двајцата премиери да потпишат договори за стратешка соработка помеѓу двете земји, а македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија ќе потпишат меморандум за соработка.

Во 12.30 часот следува заедничка прес-конференција на Мицкоски и Пленковиќ.

За време на престојот на Пленковиќ во Македонија предвидена е и бизнис-средба на сопственици на компании од двете држави. 

 

МИА