Loading Video...
Македонија
8. јуни 2026 - 21:04

Силјановска Давкова на средба со Јотова во среда во Софија

Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова во среда попладне ќе престојува во Софија на состанокот на регионалната политичка иницијатива- Процесот за соработка во Југоисточна Европа каде што ќе оствари средба со бугарската претседателка Илијана Јотова. Иако прецизната агенда и темите на разговор официјално се уште не се соопштени, посетата се реализира во период кога македонските власти ги интензивираат напорите за деблокада на евроинтеграциите, а шефот на дипломатијата најави потреба од зачестување на директните средби со бугарската страна.

Но, паралелно со најавената претседателска средба, во Брисел се актуелизираше прашањето за позицијата на Македонците во Бугарија. Европската слободна алијанса, политичка групација во Европскиот парламент, усвои Резолуција поднесена од ОМО Илинден-Пирин. Со овој документ  се бара итно ставање крај на двојните аршини во однос на третманот на Македонците во Бугарија и се нотира дека сегашната состојба со македонското малцинство таму е директно продолжение на политиките кои биле спроведувани уште за време на комунистичката власт во Бугарија.

Резолуцијата јасно го нагласува долгогодишниот политички парадокс во меѓусебните односи. Додека Софија испорачува стриктни институционални услови за Скопје и бара вметнување на Бугарите во македонскиот Устав како единствен услов за откочување на евроинтегративниот процес, бугарските власти истовремено не применуваат слични стандарди на сопствена територија, вели претседателот на ОМО Илинден Пирин. Македонците во Бугарија и понатаму се соочуваат со систематско негирање на нивниот идентитет и неможност за правна регистрација на здруженијата кои ги застапуваат нивните интереси.

Како едно од главните барања во оваа резолуција која веќе е усвоена е Бугарија официјално да се извини за злосторствата што ги правела врз македонското малцинство за време на комунизмот. Авторите на резолуцијата потенцираат дека тогаш Македонците биле тепани, присилно преселувани, понижувани, казнувани и убивани само поради изразување на својот етнички идентитет.