Македонија
9. јуни 2026 - 10:47

Владата пред одлука државата сама да го реализира проектот Чебрен и Галиште

Владата е пред одлука државава самостојно да го реализира хидроенергетскиот проект Чебрен и Галиште, за којшто инвестицијата би изнесувала до 1,5 милијарда евра заедно со каматите. 

- Сериозно размислуваме и сме пред носење стратешка одлука државата самостојно да го реализира, без приватен партнер. Конечната одлука ќе зависи и од состаноците што се одржуваат во рамките на ЕСМ, рече премиерот Христијан Мицкоски, на брифинг со медиуми. 

Пресметките, појасни, покажуваат дека внатрешната стапка на поврат на инвестицијата е над 10 проценти, што го прави проектот значаен од економски аспект.   

- Но, не е само од економски аспект, цениме дека имајќи го предвид глобалното затоплување, во регионот ќе недостасуваат два резервоари за пивка вода што можат да се направат. Исклучително стратешки важно ни е Тиквешко поле да се наводнува од овој проект. Тоа се отприлика 60-ина илјади хектари земја - посочи Мицкоски. 

Овој предел, дополни, може да послужи и за развој на дата центри. 

- Многу блиску сме до носење на одлуката како држава сами да го развиваме, а тоа значи изработка на физибилити студија која ја имаме и по принципот на Јелоу фидик да избереме фирма која ќе го гради, информира премиерот Мицкоски.

МИА