Македонија
9. јуни 2026 - 16:27

Нов клинички кај ГОБ “8 Септември”, а Медицинскиот факултет останува на сегашната локација

Ако се најде решение за парцелата помеѓу спортскиот комплекс “Борис Трајковски” и ГОБ “8 септември” активностите за изградба на нов Клинички Центар ќе почнат идната година, најави Премиерот Христијан Мицкоски. Преговорите со сопственикот на земјиштето се во тек, велат од Владата.

Планот е новиот објект со подземен премин под булеварот Илинденска да се поврзе со градската општа болница, ПЕТ центарот и поликлиниката Букурешт.

-Таа локација е на два булевари, пристап до гас, блиску до обиколницата, што значи не само за главниот град и Македонија како држава туку може од соседните држави да привлекуваме пациенти, кои ќе ги користат услугите на овој, би рекол, како што е нашиот план, ултрамодерен клинички центар. Но, таа парцела е приватна сопственост. Преговараме со сопственикот да видиме дали можеме да најдеме замена за таа парцела да ја добие државата, потоа со специјален закон да ѝ се смени намената, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.

Според сегашниот план, Медицинскиот факултет Скопје ќе остане во сегашниот Клинички и ќе биде база за наставно – наставно научна дејност.

Во меѓувреме приоритет во здравствената инфраструктура ќе бидат доизградбата на штипската Клиничката болница со факултетот за медицински науки и студентски дом во Штип, како  болниците во Кичево и Тетово кои требаше да се се завршат со пари преку стратешкиот договор со Велика Британија, но од Владата велат дека сега бараат други финансиери за овие проекти.

-Тука веќе имавме меѓународен повик за да најдеме финансиери и веќе имаме понуди кои се необврзувачки, индикативни, понуди кои за нас, би рекол, навистина се поволни и прифатливи, рече Премиерот Мицкоски.

Инаку поради раскинување на договорите за изградба на Клиничкиот во Скопје на сегашната локација и Клиничката болница во Штип од претходната власт, фирмите бараат од државата околу 45 милиони евра отштета на Арбитражниот суд во Париз, констатираше лани Државниот завод за ревизија.