Преглед на вестите од светот
Војните во Украина и на Блискиот Исток во фокусот на Г7 Самитот во францускиот ресорт Евијан-ле-Бен, на брегот на Женевското Езеро. Европските дипломати имаат една цел - да извршат силен притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп за да ја ревидира својата стратегија за Киев бидејќи сметаат дека досегашните предлози на САД биле премногу во корист на Москва.
На самитот присутен е и украинскиот претседател Володимир Зеленскиј, кој беше на серија разговори со лидерите. Но ниту на Г7 не изостана Светското првенство во фудбал. Германскиот канцелар Фридрих Мерц му подари на Трамп фудбалски дрес со бројот 47. Зад затворени врати, американскиот претседател испрати директна порака до Кремљ дека војната мора итно да запре поради огрмните воени загуби на двете страни.
„Русија треба да направи договор. Русија изгуби огромен број луѓе, а исто така и Украина. Минатиот месец тие изгубија 35.000 војници меѓу себе. Размислете за тоа. Секој месец тие просечно губат 25.000 луѓе, главно војници, млади, убави луѓе. И ќе видимe како. Јас ќе направам сѐ што можам.“
Зеленскиј упати и јавен предлог до Владимир Путин за директна средба на неутрален терен при Г7, а од Кремљ стигна експресен одгвор. Портпаролот Дмитриј Песков порача дека официјална покана не е пристигната и дека Киев одлично знае каде треба да дојде за сериозен дијалог.
Паралелно со ова, Трамп во Франција пристигна со веќе усогласен привремен меморандум од 14 точки за завршување на војната со Иран и деблокада на стратешкиот Ормутски теснец, кој официјално ќе се потпише в петок во Швајцарија. Од Техеран, иранскиот шеф на дипломатијата Абас Аракчи потврди дека преговорите се поделени во две фази.
„Во првата фаза ќе преговараме за прашања поврзани со завршување на војната, Хормушкиот теснец, поморската блокада и ослободувањето на замрзнатите средства на Иран. Целта беше да се постигне меморандум за разбирање за овие прашања, а потоа преговорите да продолжат 60 дена за да се постигне конечен договор. Под конечниот договор, ќе се носат одлуки за нуклеарните прашања и укинувањето на санкциите.“
Но, додека Трамп се обидува да го запечати овој историски договор, тој отворено го покажа своето незадоволство од начинот на кој Израел ја води војната во Либан, порачувајќи дека израелските напади врз Бејрут фрлаат негативно светло врз меморандумот со Техеран. Трамп испрати јавно и недвосмислено предупредување до израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Имавме многу ефективна врска. Без нас, без Соединетите Држави, немаше да има Израел... Имав одлична врска со Биби, но сега Биби мора да биде поодговорен во однос на Либан. Не сум задоволен од начинот на кој Израел се справи со Либан и со Хезболах. Требаше да ја завршат работата побрзо. Ова само продолжува засекогаш.“
Наспроти критиките на Трамп, Нетанјаху веднаш реагираше со став дека Израел цврсто стои на своите безбедносни интереси и дека со или без договор, Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје.
-Познатиот руски уметник и остар критичар на претседателот Владимир Путин, Роберт Кузовков, познат под уметничкото име Семјон Скрепетски, е ликвидиран во источниот полски град Бјала Подласка. Нападот се случил на тротоар кога непознат сторител го егзекутирал со три куршуми од пиштол, а откако жртвата паднала, убиецот испукал уште два дополнителни куршуми од непосредна близина, вклучително и еден во главата.
Полската полиција веднаш започна опсежна истрага, а веќе приведе две лица кои се сомничат за поврзаност со бруталното убиство.
„Обвинителството во Бјала Подласка заедно со локалната полиција ја истражуваат смртта на 44-годишниот државјанин на Руската Федерација, Роберт К., чија уметничка дејност изразуваше критика кон властите на Руската Федерација. Полицијата уапси двајца државјани на Белорусија во близина на белорускиот конзулат во Бјала Подласка, кои можеби се поврзани со убиството.“
Само три дена пред неговата ликвидација, Скрепетски престојувал во Берлин каде организирал јавен протест со иронична карикатура од Јосеф Сталин и Владимир Путин. Официјална Варшава соопшти дека Полска, како клучен логистички центар за испорака на воена помош за Украина, веќе подолго време е под постојан притисок и цел на руските разузнавачки служби кои се обидуваат да спроведат акти на саботажа на нејзина територија.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
