АХВ работи на нова одлука за надоместоците на ветеринарните друштва, тие се жалат дека се во тешка финансиска состојба

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) активно работи на подготвување на нова одлука која ќе ги утврди надоместоците за ветеринарните друштва. За да се финализираат овие процеси, институцијата го чека ребалансот на буџетот, со цел да се утврди висината на дополнителните средства кои ќе бидат одобрени.
Во однос на неисплатените обврски од претходниот период, АХВ информира дека тие веќе се поднесени до трезорот, а исплатата се одвива според утврдената динамика од страна на Министерството за финансии.
„Во очекување сме на ребалансот на буџетот за да видиме колку дополнителни средства ќе бидат одобрени“, стои во нивното соопштение.
Во насока на корекција на цените на услугите, се воделе разговори со претставници од Ветеринарната комора и Владата. Конечната одлука за процентот на зголемување, било тоа да е 40% или 50%, ќе биде донесена откако ќе се изврши ребалансот на буџетот. Сепак, од АХВ потенцираат дека подготовката на самата одлука е во завршна фаза.
„Заостанатите обврски од минатата 2025 година се доставени за исплата до трезорот и согласно утврдената динамика од Министерството за финансии се врши и исплатата на финансиските средства. Во АХВ нема заостанати фактури за реализирани активности, освен оние кои тековно пристигнуваат“, наведуваат од Агенцијата.
Ветеринарните друштва денес изразија загриженост поради нивната тешка финансиска состојба. На координативен состанок организиран од Ветеринарната комора, тие посочија дека проблемите биле презентирани пред надлежните институции, од каде добиле ветувања за нивно надминување.
Според изјавите на ветеринарите, буџетот наменет за здравствена заштита на животните е драстично намален. Од претходните 300 милиони денари, сега изнесува помеѓу 150 и 170 милиони денари, што, според нив, значително ги ограничува можностите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да ги покрие своите обврски кон ветеринарните друштва.
„Ветеринарната служба подолго време се наоѓа во тешка материјално-финансиска криза, особено во делот на ветеринарните друштва со јавни овластувања кои ги спроведуваат активностите согласно годишната наредба за здравствена заштита на животните“, истакнаа тие.
„Ако буџетот за здравствена заштита на АХВ пред две-три години бил 300 и нешто милиони денари, сега е намален на 150, 160, 170 милиони денари. Со ова драстично намалување на буџетот за здравствена заштита на животните во АХВ, ветеринарните друштва дојдоа во ситуација да не можат да ги добијат финансиските средства за услугите што ги даваат кон државата“, објаснуваат тие.
„Ние ги преземавме сите можни институционални мерки и активности – одржавме бројни состаноци со АХВ, со владини претставници, со националниот координатор за ветеринарство, Министерството за земјоделство“, истакна претседателот на Ветеринарната комора, Жарко Михајлоски.
„Имаме акламација за решавање на овој проблем, за доделување дополнителни средства, но до денес се исплатени само мал дел финансиски средства кон ветеринарните друштва со јавно овластување“, додаде Михајлоски.
Според Михајлоски, ваквата состојба може сериозно да влијае на здравствената заштита на животните, а со тоа и на здравјето на луѓето.
„Ветеринарниот сектор мора да биде во добра кондиција за да може да се справува со сите заразни болести кај домашните животни и птиците кои се ризик за државата“, предупреди тој.
„Ветеринарните друштва не само што го штитат здравјето на животните, туку со тоа го штитат и јавното здравје – здравјето на луѓето и безбедноста на храната“, потенцираше претседателот на Комората. Во Македонија работат околу 120 до 130 ветеринарни друштва со јавни овластувања.
Покрај регуларното сервисирање на заостанатите долгови, ветеринарните друштва бараат и минимално зголемување на цените на своите услуги за 50%, иако, како што појаснија, и ова зголемување е недоволно со оглед на економските услови и инфлацијата.
Во врска со здравјето на животните, Михајлоски информира дека во последните години се појавуваат нови болести кои претходно не биле евидентирани на овие простори, вклучувајќи ја Европа и Балканот.
„Со климатските промени, со големите миграции на луѓе, стигнаа болести што беа карактеристични за Африка, за Мала Азија“, објасни тој.
„Моментно Македонија се справува со сипаниците кај овци и кози. Има неколку жаришта, меѓутоа ветеринарните друштва повторно излегоа во пресрет и успешно се справуваат со ширењето на болеста. Да не го заборавиме присуството на вирусот на африканска свинска чума кај дивата популација свињи“, додаде тој.
„Постојано има и бруцелоза, туберкулоза кај фармските животни, а тука се и сите останати заразни зоонозни болести кои претставуваат реална опасност за луѓето. Да не заборавиме дека околу 70% од новите инфективни заразни болести кај луѓето се со зоонозен карактер“, предупреди Михајлоски.
„Така што, можеме да претпоставиме колкава е опасноста од немање ветеринарен сектор во добра кондиција. Овие болести, ако не се сузбијат, можат да предизвикаат и загрозување на безбедноста на храната. До денес, ветеринарниот сектор успева да се справи заедно со АХВ“, потенцира тој.
„Болестите ги локализираме, се сузбиваат, меѓутоа апелираме повторно, да се помогне на ветеринарниот сектор“, порача Михајлоски.
Ново на Сител
-

Израел изврши напад во јужен Либан по стапувањето во сила на прекинот на огнот, јавува ННА
-

Кривична за директор на градинка во Штип, го оштетил буџетот на општината и градинката за над 7,7 милиони денари
-

Сиљановска-Давкова на промоција на иницијативата за обновување и одржлив развој на Галичник
-

СП 2026: Ноер се повлекува од репрезентацијата по Мундијалот
-

Маѓар: ЕУ не смее да ги заобиколи земјите од Западниот Балкан на сметка на Украина
-

Поранешниот прв човек на ФФМ Илчо Ѓорѓиевски со уште две лица одат во 30-дневен притвор, за пет лица одреден куќен притвор
-

АХВ работи на нова одлука за надоместоците на ветеринарните друштва, тие се жалат дека се во тешка финансиска состојба
-

Секој петти Европеец страда од ментално заболување
