Македонија
24. јуни 2026 - 12:12

Јаневска од Штип - од есен реновирање на 7 студентски домови во државата

Реновирањето на државните студентски домови во Македонија влегува во нова фаза, а од есента 2026 година студентите постепено ќе добиваат подобри услови за сместување и студирање. Проектот опфаќа вкупно девет државни студентски домови, од кои првите два – „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, веќе се во фаза на целосна реконструкција. Во наредниот период предвидена е обнова и на уште седум студентски домови во Скопје, Битола, Прилеп, Охрид и Штип, најави министерката за образование и наука при посетата на УГД.

  • Досега требаше да бидат готови, но не се готови. Ќе почнема значи од наесен и ќе се реновира и студентскиот дом во Штип, затоа што сметаме дека Штип ќе се развива и овој студентски дом заедно со оној кој ќе се гради во иднина, што нема да се случи во еден ден, за се треба време, че може да ги задоволат капацитетите на идните потреби на УГД, затоа што очекуваме прилив на студенти. Имаме добри изгледи за реализација на овој план, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.

Проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови се реализира преку Министерството за образование и наука, со финансиска поддршка од 20 милиони евра кредит од Германската развојна банка КфВ и грант од околу 5 милиони евра обезбеден преку Европската Унија и Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан. Според проценките, со реализацијата на проектот потрошувачката на енергија ќе се намали за повеќе од 40 %.

Дополнително, се очекува значително подобрување на квалитетот на студентскиот живот и создавање современи услови за престој и образование. Планот е сите девет државни студентски домови постепено да добијат целосно нов лик, со одржливи и модерни решенија кои ќе одговорат на потребите на сегашните и идните генерации студенти.