Струмичкиот музеј чува модел на фудбалска топка од финалето на првото Светско првенство во Уругвај
Додека љубителите на фудбалот секојдневно ги следат новите случувања од Светското првенство, струмичкиот завод и музеј нуди уникатно патување низ времето преку еден вистински ексклузивитет , автентичен модел од топката со која се играло историското прво финале во Уругвај, во далечната 1930 година.
Во постојаната поставка на музејот се чува моделот на фудбалската топка Тиендо. Се работи за еден од двата модела со кои се играло тогашното финале помеѓу Аргентина и Уругвај .
Оваа спортска реликвија во Струмица ја донел струмичанецот Ѓорѓи Стефков, кој во далечната 1930 година служел како офицер во Сараево, во тогашното Кралство Југославија кое исто така било дел од првото светско првенство.
Во 2019 година неговите наследници одлучуваат топката да ја подарат на музејот. По деталната конзервација и стручни истражувања, потврдено е дека се работи за оригинален примерок кој освен во Струмица, на светската мапа може да се види единствено уште во Музејот на фудбалот во Лондон.
Приказната за оваа топка брзо го привлече вниманието на јавноста, па музејот во последните денови бележи зголемен број на посетители меѓу кои најбројни се децата, љубители на фудбалот.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар
