За околу 300 евра повисоки плати ќе добијат уставните судии ако нема законски измени
За околу 300 евра повисоки бруто плати ќе добијат уставните судии, ако Собранието за три месеца не донесе нов закон за нивните примања. Ова доаѓа откако Уставниот суд ги укина намалените коефициенти за пресметка, но им даде време на пратениците да направат нов закон до 1 октомври.
Дотогаш платите остануваат непроменети. Ако пратениците не реагираат, тогаш автоматски ќе почнат да важат повисоките коефициенти предвидени со законските измени од 2024 година.
Според пресметките, платата на претседателот на Уставниот суд би изнесувала околу 209 илјади денари бруто, а на уставен судија би била над 193 илјади денари.
„По донесувањето на одлуката со која на сите останати судии во државата им се зголемува коефициентот, настана парадоксална ситуација, па така платите на претседателот на Врховниот суд и на судиите се повисоки од платите на претседателот и на судиите во Уставниот суд“, информира Уставен.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не коментираат одлуки на Уставен. Петрушевски не одговори дали како пратеници ќе предложат законски измени пред истекот на рокот.
„Динамиката, темпото и начинот на работата на Собранието го уредува претседателот на Собранието. Согласно тоа, ве повикувам да се обратите кај претседателот на Собранието за ова прашање“, кажа пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Без конкретен одговор за законските измени и од СДСМ, но лидерот на партијата и пратеник вели дека поддржува секакво зголемување на платите.
„Било која одлука со којашто се зголемува стандардот примањата на било која категорија на наши граѓани, ние ја поддржуваме. Ама тоа треба да биде во систем. Треба да биде согласно закони, треба да биде согласно зајакнување на системот, не луѓе од различни категории, од различни институции тоа да го бараат и да ја молат владата, тоа да им го дозволи. Нека стигнат предлозите, ќе дебатираме за сè. Меѓутоа ова е нашиот концепт“, рече Филипче.
Оваа одлука не се однесува на сите останати избрани и именувани функционери. Меѓу кои јавни обвинители, пратеници, министри, градоначалници, директори. Коефициентите на сите се спуштија преку пакет од 6 закони, изгласани во Парламентот на крајот на февруари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
