Абази го презентираше извештајот за работата на ОЈОГОКК пред Советот на јавни обвинители
Девет имоти и 17 сметки на физички и правни лица се замрзнати во истрагата за Фудбалската федерација на Македонија. Истрагата на Обвинителството за организиран криминал опфати 18 физички лица и осум компании, меѓу кои и двајца поранешни претседатели на ФФМ.
-По спроведената финансиска истрага се што пронајдовме дека имаат, имот, сметки, вредност, движен, недвижен, на име и сметка на осомничените до Судот поднесовме соодветни барања за замрзнување на тој имот и пари, вели шефот на ОЈОГОКК, Ислам Абази.
Абази пред Советот на јавни обвинители го презентираше годишниот извештај за работата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за 2025 година. Лани, фокусот на Обвинителството било кај финансискиот криминал. Затоа и се бележи голем раст на замрзнатите средства.
Во 2024, кога Организиран беше насочено кон разбивање на криминални групи кои работат со трговија на дрога, замрзнати се нешто помалку од 6 милиони евра. Додека лани, тој износ е зголемен на безмалку 28 милиони евра.
Сепак, Абази пред Советот се пожали дека на Организиран му недостасуваат и обвинители, но и други вработени. Кажа и дека за 84% од предметите за кои се уште нема обвинение, Обвинителството чека други институции и субјекти да си ја завршат работата. Сепак, не сакаше да открие кои на кои институции најмногу се чека.
-Моментално го немам тој податок. Процентуално тој е податокот. Зборуваме за извештајната 2025 година. Значи, тоа се наредби, барања испратени од страна на Обвинителството до различни институции, МВР, Управа за финансиска полиција, до банки, до други субјекти, правни лица, физички лица. Така што, се повеќе институции.
„Од МВР се чека?“
-Секако дека и од МВР се чека по одредени предмети да постапуваат. И да ни достават, зависност од тоа што бараме од нив, рече Абази.
Во Советот на јавни обвинители годишен извештај реферираше и Вишото јавно обвинителство Скопје. И двата извештаи добија позитивна оценка од Советот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
