Loading Video...
Свет
8. July 2026 - 12:15

Преглед на вестите од светот

Американската војска соопшти дека во вторник започнала нов бран напади врз Иран и ја поништила лиценцата што ѝ дозволува на земјата да продава нафта откако три танкери биле погодени од проектили во Ормускиот теснец, со што се извршил притисок врз веќе кревкото примирје.

Американски функционер изјави за Ројтерс дека нападите биле насочени кон ирански системи за воздушна одбрана, системи за крајбрежен надзор, ракети земја-воздух, крстосувачки ракети противбродски системи и места за лансирање дронови.

Иранските медиуми објавија експлозии рано во среда по локално време на главниот нафтен центар на Иран, островот Харг, на островот Кешм и во јужните пристанишни градови Сирик и Бандар Абас. Не се пријавени цивилни жртви, но неколку лица се повредени.

Американската страна изјави дека одлуката дошла по нападот на Иран врз три нафтени танкери во близина или во Ормутскиот теснец. Катар во вторник го осуди иранскиот напад врз катарскиот танкер во близина на Ормутскиот теснец. Катарскиот танкер за течен природен гас (LNG) бил во опасност од експлозија, а танкер за сурова нафта под саудиско знаме бил оштетен.

Врховната заедничка воена команда на Иран, Централниот штаб на Хатам ал-Анбија, во среда изјави дека иранските вооружени сили ќе дадат „разорен одговор“ и предупреди дека Техеран нема да дозволи мешање на САД во управувањето со Ормутскиот теснец.

Главниот град на Украина, Киев, беше цел на руски ракетен напад рано утрово предизвикувајќи пожари, при што загина една жена, а најмалку две лица беа повредени, соопштија локалните власти.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, пишувајќи на Телеграм, напиша дека нападите во главниот град предизвикале пожар во магацин и нестанбена зграда во две области од двете страни на реката Днепар.

Во рускиот град Омск откако украинските беспилотни летала ја погодија најголемата рафинерија за нафта во земјата во еден од нивните најдлабоки напади во Русија од почетокот на војната беа забележани колони возила пред бензинските пумпи.

Рафинеријата Омск ги прекина операциите по нападот, соопштија два индустриски извори во вторник, а некои од снабдувачите ја прекинале продажбата на бензини на индивидуални возачи.

Интернационалниот олимписки комитет привремено ја укина суспензијата на Рускиот олимписки комитет (РОК) што претставува значаен чекор кон реинтеграцијата на Русија во олимпискиот состав пред Игрите во Лос Анџелес во 2028 година.

По руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија беше суспендирана во октомври 2023 година. ИОК соопшти дека неговиот извршен одбор ја укинал таа суспензија, но сè уште не одлучил дали Русија може да го прикажува своето знаме, бои или да ја свири својата химна на Игрите.