Преглед на вестите од светот
Ковчегот на убиениот ирански лидер ајатолахот Али Хамнеи пристигна во ирачкиот град Кербала утрово како последна станица од неговата шестдневна погребна поворка пред да се врати во Иран за погреб. Поворката привлече огромен број Ирачани во светилиштето на имамот Абас.
Хамнеи беше убиен на 28 февруари за време на израелските и американските воздушни напади врз Иран. Неговото тело треба да се врати во Иран во Машхад и да биде погребано во средновековен комплекс на светилишта.
Иран во среда ги обвини САД за кршење на своите обврски според меморандумот за разбирање потпишан во средината на јуни за завршување на војната меѓу двете земји.
Одговарајќи на претходните забелешки на американскиот претседател Доналд Трамп дека меморандумот е завршен, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави на социјалните мрежи дека меморандумот никогаш не се базирал на доверба, туку на јасен механизам на „обврска за обврска“.
Американските сили спроведоа напади врз Иран втор ден по ред во среда за да ја „деградираат“ способноста на Иран „да ја загрози слободата на пловидба во Ормутскиот теснец“, соопшти Централната команда на САД.
САД „го сметаат Иран за одговорен за неодамнешната неоправдана агресија врз комерцијалниот бродски превоз и цивилните екипи кои слободно пловат по витален меѓународен воден пат“, соопшти командата во објава на социјалните медиуми.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека САД го погодиле Иран „многу силно“ по нападот во вторник врз три товарни брода што транзитираа низ Ормутскиот теснец.
„Многу работи зависат од Иран. Мислам, тие (земјите од НАТО) сакаат да помогнат сега, малку е доцна. Во суштина, нема толку многу борби што треба да се водат. Но, некои ќе зависат од Иран. Кога имаа шанса, можност да помогнат, тие одлучија да не го сторат тоа. Но, ние некако забораваме на тоа. А сега тие сакаат да помогнат. Сите тие сакаат да одат и, толку многу сакаат да помогнат на Иран. Но, навистина не ни треба помош. Тоа се мали работи, но навистина не ни треба помош.“
Вршителот на должноста претседател на Венецуела, Делси Родригез, изјави дека испратила писмо до кралот на Англија во кое бара да се ослободи венецуелското злато што се чува во Банката на Англија. Родригез изјави дека златото ѝ припаѓа на Венецуела и треба да се искористи за справување со последиците од двојниот земјотрес и за поддршка на закрепнувањето на земјата.
Бројот на жртви во Венецуела од двата земјотреси од пред две недели се искачи на 3.811 во среда, 16.740 лица се повредени, 6.462 лица се спасени од урнатините и дека на 86.794 семејства им е помогнато.
Западна Европа го доживеа најтоплиот јуни досега, потврдија научниците од ЕУ откако екстремниот топлотен бран на крајот од месецот ги собори рекордите за температура, го прекина снабдувањето со електрична енергија и ги затвори училиштата. Просечната температура во Западна Европа минатиот месец беше 20,74 степени Целзиусови повеќе од 3 степени Целзиусови над просекот за јуни во периодот од 1991 до 2020 година, покажаа податоците.
„Коперник“ го дефинира регионот како регион што се шири од Шпанија и Велика Британија кон исток, па сè до Италија, Германија и дел од Австрија. Западна Европа сега претрпе три интензивни топлотни бранови за исто толку месеци, а земјите, вклучувајќи ги Шпанија и Португалија, се во зафатот на уште еден оваа недела.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
