Функционери од ВЛЕН задржани на границата со Албанија, се бара објаснување од Тирана
Пратениците од ВРЕДИ Беким Ќоку и Аднан Азизи и заменик генераланиот секретар на владата Хасим Муртезани биле запрени на граничниот премин Ќафасан во обид да преминат кон Албанија.
Повеќе од еден час без образложение биле задржани од граничната полиција. Иако подоцна им било кажано дека забрана за влез има лице кое патувало со нив, Ќоку на социјалните мрежи тврди дека и покрај дипломатските пасоши од полициски службеник добил информација дека забраната важела и за нив тројца. Се сомнева дека причината е неговата поддршка за протестите во Албанија.
- До овој момент не сме добиле никаква одлука или официјално известување што ги објаснува причините за оваа постапка. Поради тоа, не можеме да направиме ништо повеќе освен да поставуваме прашања и да бараме транспарентност од албанските власти. Доколку причината е поврзана со фактот што јавно ги поддржав неодамнешните протести во Албанија, тогаш тоа би било длабоко загрижувачко, пишува во статусот Ќоку.
Заменик генсекот на владата Муртезани за Сител вели дека забраната не била за нив, туку за сопатник.
Вреди бара официјален одговор за инцидентот од албанските власти, зошто се задржани функционерите и дали за нив има забрана за влез во Албанија.
- Влен бара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка. Доколку е така, кој ја донел оваа одлука, врз која законска основа се темели и кои се конкретните причини за таквата акција против избраните функционери и институционалните претставници, се вели во партиското соопштение.
Генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита вели дека Граничната полиција „постапила согласно законот во случајот пријавен вчера на граничниот премин „Ќафасан", каде на едно лице не му било дозволено да влезе на албанска територија поради законски пречки".
- Три лица со дипломатски пасоши беа информирани дека можат да го продолжат своето патување. Другото лице, кое беше во нивно друштво, имаше законски пречки на границата и не можеше да патува во Албанија. Другите тројца граѓани одлучиле да не го продолжат своето патување и сите се вратиле во Македонија.
На барање на македонското МНР повикан бил претставник од албанската амбасада, а на средбата била побарана официјална информација од албанските власти во врска со настанот.
Косовските медиуми објавија и кратко видео од граничниот премин додека тројцата функционери чекаат да добијат информација зошто не им се дозволува да ја поминат границата. Дел од медиумите директно го поврзуваат вчерашниот случај со поддршката токму на овие лица на протестите во Тирана во т.н. „Фламинго револуција“. Според албанските медиуми, тамошните власти им забраниле влез на повеќе десетици лица од Македонија, а наводно на листата се нашле 60 лица поврзани со коалицијата ВЛЕН.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
