Сиљановска-Давкова доби револвер од Ердоган, подарокот нема да го користи
Необичен проштален подарок добија лидерите на самитот на НАТО кој се одржуваше во Анкара. Нивниот домаќин, турскиот претседател, Ердоган, им врачи пиштоли со посвета и вистинска боева муниција.
Револверот е сместен во дрвена репрезентативна кутија во која има и шест куршуми, на цевката е напишано името на примателот, а во посветата пишува дека тоа е првиот револверски тип на пиштол произведен во Турција. Се работи за Гјумушај 357 Магнум, редок револвер со шест куршуми изработен од турска компанија за оружје во 90тите години, кој повеќе не се произведува. Ваков подарок добила и македонската претседателка Сиљановска Давкова. Од нејзиниот кабинет велат дека оружјето ќе допатува во земјава преку дипломатска пошта, но Претседателката нема да го користи.
„Подарокот од претседателот Ердоган е примен преку државниот протокол и преку дипломатска пошта, согласно процедурите, ќе биде донесен во Скопје. Подарокот ќе биде соодветно евидентиран во Кабинетот на претседателката и со него ќе се постапи согласно Законот за оружје. Претседателката Сиљановска-Давкова, нема да го користи, ниту ќе има било каков контакт со подарокот“, велат од претседателскиот кабинет.
Дел од останатите лидери учесници на НАТО самитот, одлучиле оружјето кое го добиле како подарок, прво да биде онеспособено за употреба, па дури потоа да пристигне во нивните држави. Најголем дел најавиле дека пиштолот ќе го внесат во официјалните збирки на државни подароци или ќе го предадат на воени или полициски музеи.
Подарокот, според анализите е дел од стратегијата на Анкара за промоција на домашната воена индустрија.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
