Оризопроизводителите пред колапс, ниски цени, висок револт
Состојбата со откупот на оризовата арпа е катастрофална. Цената од 18 до 20 денари за килограм арпа, без влажност и квалитет кој нуди 50 % рандаман е најниска во последните 10 години.
Откупувачите ја намалија откупната цена под изговор дека нема пласман на оризовата арпа на домашниот и странските пазари.
- Ова за оризопроизводителите значи дека работат со загуба и тоа голема загуба последните 2-3 години. Кога бевме во Министерство за земјоделие, баравме производна цена, која ја усогласивме на 25 денари, иако и таа цена е многу ниска во однос на препаратите и вештачките ѓубрива. Меѓутоа, за жал, ние како земјоделци не можеме ништо, ние можеме само да произведуваме и до таа цена од 25 денари, производната, никако не можеме да дојдеме, а камо ли да калкулираме некоја добивка, било каква, изјави Тони Максимов, оризопроиводител од с. Облешево.
Со реконструкцијата на Владата, се очекува да дојде до промена на ресорниот министер, а со новопоставениот, Максимов вели дека ќе има само една точка на дневен ред, одредување на откупната цена на арпата и белиот ориз.
- Пред извесен период, пред неколку години, оризовата арпа беше 40, а белиот 80 денари. Сега имаме оризова арпа за 20, а бел ориз за 120 до 150 денари. Значи за нас производителите е несфатливо како може да има таков дибаланс во цените, а државата воопшто да не реагира. Затоа ќе реагираме кај министерот, час поскоро да види како може да достигне таква цена од 120 денари на пазарот, а 20 денари кај откупувачите, односно, кај земјоделците, да ни го земаат, додаде Максимов
Скоро половина од минатогодишната реколта стои по амбарите, а за 2-3 месеци стартува овогодинашната жетва. Доколку во најкраток можен рок не се изнајде заеднички прифатливо решение, Максимов смета дека новата реколта наместо да им донесе профит, ќе им биде терет, зашто ќе нема каде да се складира, па голем дел од родот ќе остане и во нивите.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
