Македонија е пред дел од Европа според БДП по жител, покажува анализа на „Ворлд Атлас“
Македонија е шеста меѓу десетте најсиромашни земји во Европа, според бруто-домашниот производ по глава на жител. Ова го покажува истражувањето на „Ворлд Атлас“, направено врз основа на податоците на Меѓународниот монетарен фонд за 2025 година.
Според анализата, БДП по жител во Македонија изнесува околу 24.300 долари. Со овој резултат, земјава е позиционирана како подобра од Молдавија, Косово, Украина, Босна и Херцеговина и Албанија. Од друга страна, со повисоко БДП се Белорусија, Србија, Црна Гора и Бугарија.
Во анализата се наведува дека македонската економија последните години расте стабилно, но скромно. Главни двигатели се металната и текстилната индустрија, автомобилски компоненти за европските синџири и туризмот.
Како позитивен показател се посочува намалувањето на невработеноста, која од над 30 отсто пред една деценија падна под 13 отсто.
Сепак, официјалните податоци покажуваат дека дел од граѓаните и понатаму се соочуваат со тешкотии. Според податоците на Државниот завод за статистика за 2024 година, 21,9 проценти од населението во Македонија живее под прагот на сиромаштија.
Партиите и денеска си разменија соопштенија за стандардот на граѓаните.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека економските показатели покажуваат стабилизација, посочувајќи дека инфлацијата е намалена.
„Додека светот се соочува со ценовни шокови, со преземените владини мерки за време на енергетската криза предизвикана од војната во Иран, состојбата во државата остана стабилна и контролирана. Државниот завод за статистика потврди дека годишната инфлација во јуни месец се намали и изнесува 3,4%, додека пак, споредено со претходниот месец мај се забележува намалување од 0,5 проценти, а за 0.8 проценти се намалил индексот на цените на мало во јуни“, пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, пак, реагираат дека граѓаните не ја чувствуваат статистиката во секојдневниот живот, туку се соочуваат со високи цени и ниска куповна моќ.
„Мицкоски сака да зборува за „економски успеси“, но реалноста е сосема поинаква. Македонија под негово раководство стана трета економија на празни фрижидери – земја во која се фалат со бројки, а граѓаните се борат да преживеат. Додека криминална група ВМРО се занимава со пропаганда и селективни статистички податоци, луѓето се соочуваат со се поскап животи, ниски плати и несигурна иднина. Граѓаните не јадат инфлација. Тие го јадат од она што можат да си го дозволат. А во моментов, тоа е се помалку“, велат од опозицијата.
Инаку, „Ворлд Атлас“, ја рангира Лихтенштајн како најбогата земја во светот според БДП по глава на жител лани, со над 200 илјади долари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
