Македонија
13. July 2026 - 12:21

Светот го истражува македонскиот неолит

Студенти по археологија од Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Австрија и други држави ова лето стекнуваат практично искуство на археолошкиот локалитет Барутница кај Амзабегово, во рамки на Летната археолошка школа „Раѓањето на Европа“ Школата е заедничка иницијатива на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Фондацијата „Балканско наследство“ и Народниот музеј во Свети Николе.  Проектот четврта година по ред им овозможува на студентите практична работа на терен, меѓународно искуство и можност за идни научни соработки.

- Оваа летна школа е дел од поширокиот научен проект што ги истражува неолитот и процесот на неолитизација помеѓу Егејот и Дунав. Нивниот бенефит е практичната работа, бидејќи тие немаат можност директно да бидат вклучени во теренска работа на нивните универзитети, па ова е за нив можност во еден археолошки богат регион да ја научат практичната страна на оваа проефесија, изјави Дарко Стојановски, истражувач на Австрискиот археолошки институт

Истовремено, проектот создава потенцијал за нови истражувачи кои ќе придонесуваат кон проучувањето на неолитот во Македонија, 

- Веќе неколку од учесниците од претходните години, пишуваат магистерски работи, па и докторски трудови, благодарение и инспирирани од нивното учество овде. Значи, да обработуваат материјали и да проучуваат археолошки аспекти за нашето поднебје, секако со поддршка на нивните универзитети и со тоа да придонесат и за нашата наука, бидејќи нивните резултати и податоци остануваат за нас и секако, прибраните материјали и артефактите, додаде Стојановски

Меѓу учесниците годинава е и Саша Вала од Универзитетот Оксфорд, која за првпат учествува на археолошки ископувања.

- Никогаш претходно не сум била на ископување, а сакав да научам повеќе за Македонија и Балканот. Ова беше совршена можност да ги спојам двете работи, изјави Саша Вала, студент по археологија, Оксфорд, Б. Британија

Локалитетот Барутница има централно значење во проучувањето на раните неолитски миграции од Егејот кон Централна Европа, а школата продолжува да ја афирмира Македонија како значајна дестинација за проучување на европскиот неолит.