Македонија
13. July 2026 - 16:32

Пропадна обидот на Левица за опозициски состанок за Изборниот

И покрај тоа што пропадна првиот обид на Левица да одржи опозициски состанок за пеглање на разликите околу Изборниот законик, од партијата на Апасиев не се откажуваат од можноста да се дојде до предлог што потоа ќе ѝ биде понуден на власта до среда, како краен рок за донесување на законот.

Пречистен текст со предлог-решенија за новите изборни правила, вклучително и една изборна единица, подготвен од Левица, вечерва треба да стигне до пратеничката група на СДСМ. Претходно, пратениците на Левица испратиле покана за состанок, кој требаше да се одржи денеска, до сите опозициски партии: СДСМ, ДУИ и пратениците на Села и Таравари. На оваа покана никој официјално не одговори.

- „Особено симптоматично е што партијата која со години тврдеше дека се залага за една изборна единица, денес одбива дури и да седне на маса за да разговара за таква реформа. Ако и понатаму се за една изборна единица, тогаш што ги спречува да учествуваат во разговорите? Ако повеќе не се, нека имаат доблест да им го кажат тоа на своето членство.

Неодговорно е што ваквиот пристап ги продлабочува поделбите меѓу опозициските субјекти токму во момент кога постои реална можност за заедничко дејствување. СДСМ со своето одбивање не ја казнува Левица, туку ја пропушта можноста опозицијата да настапи усогласено и да издејствува подобри изборни правила.

За СДСМ, сепак, сегашниот изборен модел е прашање на политичко преживување“, реагираа утрово од Левица.

Од СДСМ претходните денови, иако не експлицитно, одбија средби на опозициско ниво, тврдејќи дека одговорноста за Изборниот законик е кај власта.

Од ДУИ, пак, допрва ќе ја разгледувале поканата од Левица, иако роковите се кратки.

За власта ваквото однесување на опозицијата е доказ дека таа свесно го блокира Изборниот законик.

„Гледаме дека денеска, иако требаше да се одржи таква средба, има спротивни реакции од опозицијата. Оттука доаѓаме до заклучок дека опозициските партии не сакаат нов Изборен законик, туку сакаат блокада.

Сè што ќе договорат тие, ние би го прифатиле без никаков услов, сè додека во тоа законско решение е вклучено и гласањето на дијаспората.

Доколку тоа не се случи во текот на денешниот ден, а со оглед дека рокот е до 15 јули, уште еднаш ќе се покаже хипокризијата, каде што во првиот дел од денот нè обвинуваат дека не сме ориентирани кон исполнување на реформите за приближување кон Европската Унија, а во вториот дел од денот самите ги блокираат.“

Изборниот законик е дел од реформската агенда на државата поврзана со евроинтеграциите. Брисел утврди рок до 15 јули да се донесат новите изборни правила за државата да добие дополнителни 4 милиони евра од Планот за раст. Предлог-измените, иако беа договарани со месеци, сепак беа блокирани со речиси 14 илјади амандмани од СДСМ, Левица и Села, главно против гласањето на дијаспората по електронски пат или по пошта.