Костадиновски: Протестите за улиците во Тетово се протести против владеењето на правото
Протестите за предлозите за имињата во Тетово се протести против владеењето на правото. Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски вели дека доколку Уставен дал зелено светло за такво нешто, тогаш би се отворил патот за безредие во сите останати општини.
-Протести, не знам колку. Повици за протести. Тие протести се протести против владеење на правото. Зошто не ја гледаат суштината? 15 години имале можност да спроведат законска постапка. Замислете ако ние замижеме, еве условно кажано, политичка одлука. Што е политичка одлука? Да речеме, во ред е одлуката на општина Тетово. Па ние утре имаме 80 општини во државава. 80 општини ќе кажат: „Уставниот суд има пракса, не треба законските услови да бидат исполнети. Што може за нив, може и за нас“, вели Костадиновски.
Откако ДУИ на 8-ми месецов поднесе нова иницијатива за промена на улиците, со остра реакција излегоа од Сојузот на борци во Тетово од кадешто велат дека македонските политички партии молчат за ова прашање.
Според нив, именувањето мора да се гради низ официјалниот македонски историски наратив, а не истиот да се стави во сенка на нечии романтичарски, политички или популистички желби.
„Ниту еден обид за историски ревизионизам за оживување на поразените сили, за рехабилитирање на поединци дел од антидржавни проекти, движења и организации од било кој историски период, за промовиање на фашизмот и балистичките фашисти, за истакнување на терористи, озогласени злосторници кои кренале рака на народот и државата нема да помине. Упатуваме порака до Владата и до советниците во Советот на општина Тетово, да покажат достоинство и интегритет, да отфрлат секаков предлог кој само значи легализирање на големоалбанскиот национализам, сепаратизам и бализам“, велат од Сојузот на борци.
Вчера членовите на ДУИ ја напуштија седницата на Советот откако не им беше прифатено барањето – прва точка на дневниот ред да биде преименувањето на улиците.
Уставниот суд на 17 јуни со мнозинство гласови ја укина одлуката со која во 2007 година, во Тетово, беше извршено преименување на повеќе улици, мостови и плоштади и други инфраструктурни проекти, токму по иницијатива од Сојузот на борци во Тетово. Во саботата ДУИ организираше и протест во Тетово, пред општинската зграда токму против одлуката на Уставен од кадешто порачаа дека почнува иницијатива за заштита на Охридскиот рамковен договор.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
