Македонија
15. July 2026 - 16:36

Обвинение за поранешниот директор на СОЗР – приватно летал со владиниот авион и трошел државни пари

Поранешниот директор на владината Служба за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски за лични потреби летал со владиниот авион, а по хотели и угостителски објекти во странство неосновано трошел пари од службената картичка. На тој начин го оштетил буџетот за над 41.000 евра. Обвинителството поднесе обвинителен предлог. Го товари за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување како и фалсификување службена исправа.

  • За приватни потреби и без да постои основ го користел владиниот авион Лирџет 60, а при патувањата од сметката на СОЗР се вршени плаќања по разни основи. Освен тоа, за хотелски и угостителски услуги обвинетиот неосновано користел средства од службената картичка издадена на негово име.  На тој начин го оштетил Буџетот на СОЗР за значителен вкупен износ од 2.562.139 денари.

Во обвинението се додава и дека во периодот од октомври 2023 до јуни 2024 година, обвинетиот свесно овозможил противправна имотна корист за пилот вработен во СОЗР. Иако знаел дека пилотот ниту со дополнителни обуки нема да ги исполни стандардите потребни за летање со Лирџет 60, не го задолжил да ги врати парите потрошени за обука и не го известил надлежниот сектор да му го прекине работниот однос. Пилотот продолжил да зема плата за работно место капетан-водач на воздухоплов со што  предизвикал штета на Буџетот од 5.431.624 денари, соопштија од обвинителството.

Обвинетиот екс директор на СОЗР Мирчевски се товари и за фалсификување службени исправи при јавни набавки за изнајмување возила наменети за превоз на странски делегации и за транспорт на цивилно население евакуирано од Авганистан во земјава.

  • Сите договори биле склучени со иста рент-а-кар фирма од Скопје, а во службените исправи – изјави за непостоење на судир на интереси, обвинетиот внел невистинити податоци дека нема приватен интерес при реализација на јавната набавка или каква било материјална или нематеријална корист. Наспроти ова, почнувајќи од периодот пред склучување на јавната набавка, за време и по престанокот на неговиот мандат, тој и неговата сопруга користеле возила без надомест од истата фирма за патувања во земјава и во странство, велат од обвинителството.

Од таму додаваат и дека се запира истражната постапка за давање поткуп против сопственикот на рент – а – кар фирмата, бидејќи од прибавените докази јавниот обвинител не утврди дека кај него постоела умисла да добива владини тендери преку давање возила без надомест на сега обвинетиот.

Инаку, Финансиската полиција кривичната пријава за Мирчевски ја поднесе на 5 февруари 2025 год. за сторени 4 кривични дела примање поткуп, фалсификување службена исправа, проневера и несовесно работење во службата. Ден потоа на предлог на обвинителството судот му определи 30 – дневен притвор.

Во краток телефонски разговор екс директорот на СОЗР Пеце Мирчевски за Сител рече дека во текот на судската постапка ќе ја докажел својата невиност за кривичното дело за кое се товари.