Се шират жариштата на овчата сипаница на истокот
Бројот на жаришта на овча сипаница во источниот дел од државата продолжува да расте. Најнов случај е потврден во одгледувалиште во селото Саса, во општина Македонска Каменица. Со ова, за неполни две недели болеста се појави во четири општини од регионот – Свети Николе, Чешиново-Облешево, Делчево и Македонска Каменица. Надлежните институции преземаат мерки за спречување на ширењето на заразата. Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, досега се отстранети повеќе од 1.400 овци и кози, а оваа мерка ќе продолжи и во новооткриените жаришта по обезбедувањето соодветни локации за нивно нештетно уништување.
Во сите засегнати фарми се спроведуваат вонредни ветеринарни мерки, кои вклучуваат уништување на целите стада, темелна дезинфекција и испитување на сите можни контакти со заразените животни. На итен состанок со претставниците на здруженијата на сточари беше повторено дека вирусот не е опасен за луѓето, но дека строго мора да се почитуваат пропишаните мерки. И натаму останува забраната за транспорт и преместување на овци и кози во заштитните зони, додека производите од погодените подрачја се под посебен режим на контрола.
Млекото може да се користи само доколку претходно е термички обработено. Пред 8 денови повеќе од 200 овци заразени со овча сипаница беа еутаназирани и безбедно отстранети на локација меѓу селата Соколарци и Жиганци. Со механизација беше ископана длабока јама во која животните беа закопани според пропишаните ветеринарни и еколошки стандарди.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
