Македонија
17. July 2026 - 16:32

Владата го извести Брисел: Реформската агенда е исполнета во рокот

Документот со исполнетите обврски од Реформската агенда, во предвидениот рок, македонската Влада го испрати до Брисел, со цел државата да влезе во наредните пресметки за исплата на средствата од Планот за раст за Западен Балкан.

„На 15 јули до Европската Унија беше доставен документ со целосно исполнети и означени обврски, со што уште еднаш покажавме дека реформскиот процес го водиме одговорно, транспарентно и со јасна посветеност кон исполнувањето на европската агенда.

Уверен сум дека во динамиката на реализацијата ќе бидеме далеку пред многу други, и покрај обидите процесот да биде забавен преку блокирањето на Изборниот законик. Нашата определба останува непроменета – реформите ќе продолжат, затоа што тие се во интерес на државата, институциите и граѓаните“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи по владиниот состанок посветен на евроинтеграциите.

Во меѓувреме, не стивнуваат меѓусебните обвинувања меѓу власта и опозицијата за тоа кој е виновен што пропаднаа измените на Изборниот законик.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ, Левица и ДУИ сметаат дека, доколку глумат жртви, ќе освојат повеќе политички поени.

„Реалноста повторно излезе на површина, а таа е дека ВМРО-ДПМНЕ, како партија на власт, ги прифати сите барања на опозицијата, само за дијаспората да може да гласа на полесен начин. Токму ова коалицијата на СДСМ, Левица и ДУИ го одби. Одбија и во новиот Изборен законик да бидат вградени препораките на ОБСЕ и ОДИХР, одбија една изборна единица, одбија и повеќе средства за политичко рекламирање, само за да се претстават како жртви и оваа приказна да ја користат како алиби на следните избори, кои историски ќе ги загубат. Воедно, со недонесувањето на Изборниот законик директно се обидуваат да го намалат успехот на Македонија во спроведувањето на Реформската агенда.“

Од СДСМ возвратија дека власта вештачки создава конфликт околу Изборниот законик за да го прикрие неуспехот во спроведувањето на реформите.

„Создаваат вештачки конфликт околу Изборниот законик. Гледаме дека намерно туркаат спорни одредби за изборен грабеж, за да го прикријат сопствениот неуспех со Реформската агенда и целосно да го блокираат европскиот пат. Тврдат дека Македонија е лидер во регионот во исполнувањето на Реформската агенда, а гледаме дека европскиот пат е целосно закочен. Фактите го покажуваат токму тоа: рокот до 1 јуни одамна помина, клучните закони беа вратени од Европа на доработка, а напредокот е минимален. Наместо да ги завршат реформите, тие бараат изговори.“

И покрај неколкумесечната работа на меѓупартиската работна група во Министерството за правда, како и неколкуте обиди во Собранието за надминување на разликите меѓу власта и опозицијата, измените на Изборниот законик останаа заглавени во собраниската процедура поради речиси 14 илјади амандмани поднесени од опозицијата.